Македонија
16. September 2015 - 14:28

Твининг проект финансиран од ЕУ за унапредување на родовата еднаквост

Унапредување на капацитетите во однос на родовата еднаквост е цел на твининг проектот „Поддршка во спроведувањето на родовата еднаквост во Република Македонија“, кој од денска официјално почнува да се спроведува од страна на Министерството за труд и социјална политика и Владата на Велика Британија и Северна Ирска.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на промоцијата на проектот истакна дека родовата еднаквост е предуслов за постигнување социјална правда и е во интерес не само на жените, туку на целото општество. Владата на Македонија во тој контекст, посочи, во континуитет посветено работи на прашањата на родовата еднаквост, а со постигнатите резултати во повеќе области сме и земја лидер во регионот и пошироко.

- Општо е познато дека законските регулативи се основа на целиот процес на воспоставување на родовата еднаквост токму поради тоа во целост ги прилагодивме со стандардите на ЕУ. Со измените и дополнувањето на Законот за еднакви можности на жените и мажите во 2012 година се воведоа одредби согласно со препораките на Европската комисија, но и на Комисијата за правата на жените во ОН кои се однесуваат на субјектите кои се одговорни за овој процес, рече министерот Спасов.

Тој нагласи дека меѓу другото беше формирана меѓуресорска работна група од страна на Владата за координирање на активностите на национално и локално ниво за изнаоѓање усогласени решенија за родовата еднаквост, а донесена е и стратегија за родова еднаквост за чие спроведување секоја година се поднесуваат извештаи.

- Наша искрена цел е што повеќе спроведување на мерките во делот на еднаквите можности во пракса. Токму овој проект кој денес го промовираме очекувам да го забрза и надополни тој процес, односно да се унапредат капацитетите на институциите во почитувањето и спроведувањето на родовата еднаквост, рече Спасов.

Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека законодавството за родова еднаквост и политиките што се спроведуваат во земјава активно се ажурираат и се унапредуваат. Сепак, вели, потребна е натамошна работа, меѓу другото и за надминување на родовиот јаз во вработувањето кој продолжува да го спречува напредокот на земјата и учеството на жените во работната сила, кое е под европскиот просек.

- Овој проект на ЕУ ќе работи заедно со Министерството и со сите партнери за идентификување на бариерите и мерките што се потребни за да се надминат овие проблеми. Проектот ќе го помогне спроведувањето на Законот за еднакви можности и Акцискиот план за родова еднаквост, а исто така ќе работи со Делегацијата на ЕУ за да се види како програмите на ЕУ и проектите може да ја унапредат родовата еднаквост, рече евроамбасадорот Орав.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет истакна дека и двете земји Британија и Македонија се соочуваат со значајни економски и други предизвици и дека сите граѓани, и мажите и жените, треба да бидат поддржани за да дадат целосен придонес во земјата. Тоа меѓу другото значи и да се препознаат вредностите на модерниот семеен живот, како и да се примени новото европско право кое од работодавачите бара подобро усогласување помеѓу семејниот и професионалниот живот.

- Овој проект е можност за двете земји да учат една од друга со учење на исто ниво меѓу колегите кои ќе работат во четири области кои се идентификувани како области каде се потребни клучни промени во законите за исполнување на правото во однос на родовата еднаквост. Но, во основа, најважно е да се промовира и интегрира родовата еднаквост во сите буџети и активности, вели Гарет.

Твиинг проектот „Поддршка за имплементација на родовата еднаквост“ вреден 900.000 евра ќе се спроведува две години. Твининг партнер е Владата на Велика Британија, а Португалија и Романија се помлади партнери на проектот. Проектниот тим во најголема мера ќе работи со Секторот за еднакви можности помеѓу жените и мажите, но ќе соработува и со други институции на централно и локално ниво и НВО. Фокус на проектот ќе бидат законите, политиките, програмите и обуката поврзана со антидискриминација.