Свет
9. March 2016 - 10:47

Трамп и Клинтон се поблиску до претседателските кандидатури

Водечките претендентите за освојување на претседателските кандидатури на Републиканската и на Демократската партија, Доналд Трамп и Хилари Клинтон се се поблиску до остварување на својата цел.

На ваков заклучок наведуваат резултатите од вчерашните прелиминарни избори на двете партии во неколку американски сојузни држави.

Во редовите на републиканците, Доналд Трамп победи во Мичиген, Мисиипи и на Хаваите, додека единствено беше поразен во Ајдахо, каде најмногу гласови освои Тед Круз. 

Најтежок удар на вчерашните избори доживеа засега второпласираниот во републиканската трка, сенаторот од Флорида Марко Рубио, кој во Мичиген и Мисисипи се пласира дури на четвртото место.

Како што јави Би-Би-Си, по синоќешната „ужасна ноќ“ пред Рубио стои уште еден предизвик, а тоа се прелиминарните избори во неговата Флорида планирани за следната недела. Последните анкети на јавното мислење од Флорида укажуваат дека Рубио и во Флорида би можел да биде поразен од Трамп.

Кога станува збор за трката во редовите на Демократската партија, сенаторот Берни Сандерс победи во Мичиген, но водечкиот претендент за претседателската номинација на демократите Хилари Клинтон извојува убедлива победа во Мисисипи, со што дополнително ја зголеми својата предност во бројот на освоените делегати за Демократската национална конвенција.

Весникот „Њујорк Тајмс“ наведува дека и покрај неочекуваната победа на Сандерс во Мичиген, тоа не значи дека неговата позиција е радикално променета во пресрет на прелиминарните избори што следната недела ќе се оддржат во неколку поголеми сојузни држви.

Осврнувајќи се на трката во републиканскиот табор, весникот оценува дека по вчерашното гласање, сенаторот Круз добива дополнителен аргумент за ставот дека тој би можел да ја разниша фаворитската улога на Трамп, наместо Рубио во кого повеќето умерени републиканци гледаат „спас“ од непредвидливиот милијардер.

Во анализата на последните прелиминарни избори во САД, британскиот весник „Гардијан“ оценува дека досегашниот успех на Трамп претставува „најголемата американска мистерија“.

Според весникот, доминантната маса приврзаници на Трамп ја сочинуваат белци од пониските социјални слоеви, кои се маргинализирани од страна на големите медиуми, но имаат големо влијание врз претседателската кампања.

Во прилог на ваквите тврдења весникот пренесува резултати од една анкета спроведена во работничките предградија на Кливленд и Питсбург лани во декември и во јануари годинава со која биле опфатени 1.600 работници-белци. Резултатите покажуваат дека мнозинството од нив го поддржуваат Трамп, иако некои дури се декларирале како симпазитери на демократите.