Македонија
1. May 2021 - 8:41

Светиот благодатен оган пристигнува во државава

Денеска во вечерните часови се очекува да пристигне Светиот благодатен оган на Меѓународниот аеродром во Скопје.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски ќе ја има честа на Меѓународниот аеродром во Атина да го преземе Светиот благодатен оган од страна на грчката државно-црковна делегација која ќе го донесе од Ерусалим, каде речиси два милениума се симнува во пладневните часови во Христовиот гроб во црквата на Христовото Воскресение на Велика Сабота.

По пристигнувањето Светиот оган на Меѓународниот аеродром во Скопје ќе биде пречекан и преземен од претставници на православните епархии, кои ќе го однесат во сите градови ширум државата.

Директорот на Комисијата Сотировски по доаѓањето светиот оган ќе му го предаде на Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во резиденцијалниот манастир Св. Георгиј Победоносец во Скопје.

– Посакуваме убави празнични мигови на православните верници во татковината и ширум светот и потсетуваме на апелите за задолжително придржување до мерките за заштита од корона вирусот, со особен акцент задолжително носење на заштитна маска во храмовите и надвор од нив, наведе Комисијата за односи со верските заедници.