Македонија
8. November 2024 - 16:32

ДКСК: Екс-министерката за култура на службено патување трошела буџетски пари за приватни цели

Антикорупционерите утврдија екс министерката за култура трошела буџетски пари за приватни цели. Станува збор за нејзиното патување во Британија, лани од 24. до 27. октомври, кога Костадиновска Стојчевска беше во Обединетото Кралство по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави.

„За патувањето во странство било донесено решение согласно кое трошоците се на Министерството за кулутра во износ од 1 300 британски фунти, од кои 292 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација“, рече членот на ДКСК, Зоран Богоевски, на денешната седница на Комисијата.

Антикорупциска ќе иницира и постапка против неа до надлежните органи.

„Со службената картичка на Министерството за култура биле покриени и трошоци во износ од 528 британски фунти, кои ДКСК не може да ги квалификува како трошоци за службени цели“, додаде членот на ДКСК, Зоран Богоевски, на денешната седница на Комисијата.

Ексминистерката за култура денеска остана недостапна за коментар. Антикорупционерите отворија предмет во август, по серијата прес-конференции од ВМР0-ДПМНЕ на кои презентираа случаи со кои се тврдеше дека Костадиновска Стојчевска од службени пари си купила хулахопки и чорапи од Марк енд Спенсер, куфери од Самсонајт, фудбалска топка и плишено мече од Гифт Галор. Тогаш министерката за Сител ги демантираше овие обвинувања.

Во меѓувреме, МВР поднесе и кривична пријава за екс министерката за култура бидејќи не распишала нов тендер  за реконструкција на Универзална сала, туку ги презела обвските што ги имал Град Скопје. Актуелниот министер Љутков пак отпочна нова постапка за преземање на ингеренциите на Универзална од Град Скопје, а најави дека ќе биде готова во 2028година.