Македонија
6. јуни 2024 - 21:20

Судскиот Совет доби двајца нови членови

Врховниот судија Исамедин Лимани и апелациониот судија од Битола, Александар Камбовски, се новите судии кои го комплетираа Судскиот совет.

Лимани доби поддршка од 7 негови колеги од Вховниот суд, а неговата противкандидатка судијката Цветанка Периќ иако се откажа од трката поради здравствени проблеми, сепак освои два гласа. Две ливчиња биле неважечки, а четири неупотребени. Едно од неупотребените припаѓа на врховниот судија Наке Георгив, бидејќи е во притвор за примање мито.

Апелациониот судија од Битола Александар Камбовски, со 28 гласа успеа да го добие столчето во Судскиот совет наспроти неговите противкандидатки, судијките Александра Поп Стефанова и Татјана Сусулеска.

Кандидатите имаат право на приговот од 5 часа по затворањето на кутиите, а за изборни нерегуларности рокот за приговор истекува на полноќ.