Македонија
19. јуни 2024 - 16:38

Законот за локална самоуправа чека поддршка од ДУИ

Законот за локална самоуправа сепак ќе го причека изборот на новата влада. Без претходно да се обезбеди поддршка од ДУИ законското решение воопшто нема да биде  поднесено во Собранието, бидејќи покрај двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство. Координаторот на пратеничката група на Вреди вели дека законот е веќе во рацете на опозициските партии од каде се уште немаат добиено ниту позитивен, ниту негативен одговор.

Мандатарот Мицкоски пак стои на ставот дека нови избори на само неколку месеци пред редовните е непотребно трошење на буџетски средства. Покрај опозициските партии, ги повика и експертите заеднички да изнајдат решение.

Измените на законот за локална самоуправа кои ги подготви Вреди предвидуваат назначување на в.д. градоначалници во оние општини каде тие ќе преминат на други функции, ако им е поминат 2 години од мандатот. Ова законско решение треба да спречи орагнизирање на нови избори во Сарај, Аеродром и Гостивар пред редовните кои треба да се одржат следната година.

В.д. градоначаник веќе ја води општина Сарај откако Блерим Беџети од ДУИ стана пратеник, но според постоечкиот закон в.д. градоначалник не може да остане на таа функција повеќе од 6 месеци.