Ученици од „7 март“ со импровизирани пушки и униформи од УЧК на приредба за денот на албанското знаме, МОН утре најавува инспекции
Со УЧК униформи, парадирајќи со пушки во рацете, но како што може да се забележи и на фотографиите децата наместени и во позиција за пукање со имрпровизираните пушки, беше изведбата која учениците од најмалите одделенија во О.У. 7 Март во Челопек, ја прикажаа на приредбата во училиштето за денот на албанското знаме. Според министерката за образование, не се виновни децата туку родителите кои гордо ракоплескаат на изведбата на нивните деца и раководството на улилиштето кое дозволило да се организира ваква приредба. Ваквиот чин е педагошки неисправен, нечовечен и законски казнив, вели Јаневска.Утре ќе биде испратена инспекција во училиштето.
Ако од најмала возраст децата ги учиме на разгорување на теми од минатото кога во училиштата има недостиг од наставни програми за заеднички соживот и почит помеѓу етничките заедници, во иднина ова може да придонесе за дополнително влошување на односите помеѓу македонците и албанците, смета професорот по социологија, Илија Ацески.
Директорот на О.У. 7 Март, денеска не одговори на нашите повици. Изведбата на учениците одекна и низ медиумите во регионот- “Албански ученици со калашњикови во рацете го празнуваат денот на албанското знаме”, Скандал во Северна Македонија: Деца одбележуваат албански празник со автомати во училиште” се дел од насловите за приредбата.
Основното училиште се наоѓа во тетовското село Челопек, во општина Брвеница. Претходно името на училиштето било Братство, а по барање на локалните албанци, училиштето се преименувало во 7 Март, односно датумот кога се одбележува денот на албанските наставници, кој всушност е датумот на кој е отворено првото училиште на албански јазик во историјата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар