Стразбур пресуди: Спиро Ристовски неосновано бил во притвор речиси две години
Спиро Ристовски неосновано бил држен во притвор за случајот „организатори на 27 април“. Судот од Стразбур донесе пресуда во корист на екс министерот. Државата треба да му плати оштета од 2250 евра затоа што 14 пати му бил продолжуван домашниот притвор. Според европскиот суд за човекови права за Ристовски немало доволно релевантни причини за негово лишење од слобода. Дополнително, доцна биле разгледувани жалбите кои неговиот адвокат ги поднесувал за притворот.
Одбраната смета дека државата треба да воспостави механизам за надомест на штети за неосновани притворски предмети за што основ ќе бидат пресуди од Стразбур. Ристовски се уште не добил пресуда за случајот Организатори на 27 април бидејќи предметот е вратен на повторно судење.
Апелација лани пресуди дека не биле земени во предвид приговорите со кои обвинетите се повикале на амнестијата од поранешениот претседател на државата. Со првостепената одлука од кривичен Ристовски беше осуден на 6 ипол години затвор.
Инаку, Европскиот суд пресуди дека неосновано бил држен во притвор и Митко Пешов кој како началник во МВР беше осуден на затвор од 15г за случајот 27април. Ваква пресуда лани доби и екс министерот Миле Јанакиески кој приговараше на притворските мерки за две кривични постапки.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар