Ново проширување на позитивна листа на лекови на лето
Најрано на лето ќе има ново проширување на позитивната листа. Пациенти кои од џеб ја плаќаат терапијата ќе почекаат прво да биде формирана Комисијата што одлучува кои нови лекови ќе бидат на рецепт. Директорите на Фондот за здравствено осигурување велат дека не е прашањето дали тоа проширување ќе биде два пати годишно, туку да е во интерес на пациентите. Лекови кои спречуваат згрутчување на крвта се следни кои ќе се најдат на листата.
- Мислам дека до полугодие ќе имаме следна промена на позитивната листа. Антикоагулансите се следни за разгледување, делумно затоа што се веќе на болничка поитивна листа и би требало тие први да ги согледаме, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.
Кои други лекови ќе се најдат на листата зависи од проценката на Комисијата но и од производителите.
- Тоа зависи од барањето на производителот до Националната комисија при Министерството за здравство. Тие треба да одлучат дали е доволно исплатливо, односно, дали производителот сака да го нуди на позитивна листа, вели Бранко Аџигогов, директор на Фонд за здравствено осигурување.
За да има што повеќе нови лекови на рецепт од Фондот велат дека треба да има ревизија и корекција на листата на која не само што има застарена терапија што во многу земји е исфрлена од употреба, туку и многу пари одат за лекови кои се до 100 денари. Но засега велат тоа се само модалитети кои ги разгледуваат за да има функционална позитивна листа.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар