Дирекцијата за заштита и спасување без план во случаи на пожар, поплава или земјотрес
Дирекцијата за заштита и спасување, тешко ќе се справи со последиците при земјотрес, поплава или пожари. Ова е заклучокот од извештајот на Државниот завод за ревизија кој го проверувал работењето на ДЗС. Најголем проблем бил немањето Национална стратегија за заштита и спасување.
„Ваквата состојба создава ризик од некоординирани активности на локално, национално, регионално и неѓународно ниво при справувањето со опасностите од природни непогоди и влијае врз целокупниот систем на заштита и спасување во државата“, наведува Државниот завод за ревизија.
Првиот човек на Дирекцијата уверува дека наскоро ќе биде донесена стратегијата.
Ревизијата открила пропусти во управувањето со засолништата. Поголем дел биле нефункционални.
Дел од опремата иако нова, не се употребува. 80 боци со кислород и рачни термални камери за пожарникарите цела година стоеле во магацин.
„ДЗС нема донесено пишани критериуми за утврдување на потребите и приоритетите за набавка на противпожарна опрема и средства за гасење на пожари за протипожарните единици“, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Директорот Селами во меѓувреме самоиницијативно и без одлука почнал да ја распределува опремата.
Заводот за ревизија како проблем го посочува и недостигот на пилоти за трите авиони кои гасат шумски пожари. Од Дирекцијата пак велат дека веќе побарале зголемување на платите за пилоти со што очекуваат поголем интерес за тие работни места.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар