Македонија
1. September 2016 - 15:25

Средба на министерката Арсовска-Томовска со претседателот на Здружението на информатичари Јованов

Македонија има потенцијал и квалитетни ИКТ кадри и претставува одлична дестинација не само за развој на оригинални македонски информатички решенија, туку и за outsourcing, со оглед на фактот што платите на информатичарите кои работат од Македонија се на исто ниво со платите на светскиот ИКТ пазар, додека трошоците на живот се значително пониски.

Тоа го оцениле денеска на средба министерката за информатичко општество и админстрација Марта Арсовска Томовска и претседателот на Здружението на информатичари на Македонија, Миле Јованов, кому му упатила честитки за бронзените медали коишто ги освоија македонските млади информатичари на Балканската и Светската Олимпијада по информатика, што се одржаа летово во Никозија, Кипар и во Казан, Русија, соопшти МИОА.

- Еден од главните приоритети на Владата на РМ на полето на информатиката е до 2020 година да го удвоиме бројот на остручен ИТ кадар кои излегува од македонскиот образовен систем и затоа осмисливме еден  системски приод. Минатата година воведовме предмет алгоритамско размислување како основи на програмирање и работа со компјутер уште за учениците од третите одделенија, што ја направи Македонија една од првите земји во светот кои трендот за рана информатичка едукација го интегрираа во формалното образование. Понатаму, континуирано го зголемуваме бројот на математички и информатички паралелки во средните училишта, а низ годиниве отворивме нови ИКТ факултети и цел еден ИКТ универзитет. Континуирано преку кампањи, иницијативи и проекти, ги мотивираме младите да изберат кариера во областа на информатиката, истакнала Арсовска Томовска. 

МИОА, според министерката, континуирано дава поддршка на секој настан во државата кој има цел да ја промовира оваа област и активно соработува со домашните и странските ИКТ компании во земјата кои на Министерството гледаат како на партнер. 

- Целта ни е да креираме што поголем број на ИКТ работни места,  потенцирала министерката Арсовска Томовска, нагласувајќи дека посебен акцент се дава на  поддршката на натпреварите по информатика. Јованов искажал уверување дека поддршката на ваквите натпревари придонесува за рано идентификување на талентираните ученици, нивно следење, дообучување и подготовка за идна кариера во областа на информатиката, како и за мотивација на сите останати ученици.

МИОА потсетува дека  подготви краткорочна ИКТ Стратегија 2016-2017, чија цел е да се зголеми придонесот на ИКТ индустријата во насока на одржлив економски развој и отворање на нови работни места во рамките на ИКТ и други поддржани индустрии.