Македонија
31. May 2017 - 21:33

Собраниска расправа за избор на новата влада

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи седницата за избор на нова влада. Пратеникот Ферид Мухиќ во своето обраќање истакна дека во овој момент не е потребен триумфализам и не е битно што една влада менува друга, туку е битно да се стабилизираат околностите во државата и да преовладува атмосфера на соработка и заемно разбирање.

- Ова е миг во кој има основа за сумирање и извлекување одредени сознанија и сумирање. Треба да видиме по нешто бидејќи периодот беше турбулентен, конфликтен со состојби кои не смееја да се случат и не смеат да останат без коментар, но лекцијата никако не треба да биде триумфализам, рече Мухиќ.

Пратеникот изнесе критики и забелешки за работењето на власта  и состојбата во општеството потенцирајќи дека во тој период е настаната најдлабоката поделеност меѓу граѓаните во историјата на Република Македонија. Сепак, кажа дека исто така не може да се негира дека е доста направено. Мухиќ смета дека пратениците треба да им покажат на граѓаните дека и најдлабоката поделеност може да се надмине.

- ВМРО која во 1893 беше кохезивна сила денеска е за жал партија која ја подели Македонија. Проблемот е што, како што и изборите покажаа, таа поделеност е максимална. Албанските политички партии полека влегуваат исто така во една ситуација во која нивниот дијалог веќе не е толку јасно усогласен. Сите етнички заедници се поделени, рече Мухиќ.

Пратеникот на СДСМ од говорницата ја коментираше изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски дека за упадот во Собранието биле виновни пратениците Мухиќ и Горан Мисовски затоа што дозволиле неуставен избор на претседателот на Собранието. Тој изјавата на Милошоски ја нарече „скандалозна канонизација на линчот како средство за политичка пресметка“ и посочи дека за насилство не смее да има алиби и оправдувања.

- Сите наши грешки, сите наши доведувања во прашање на уставни и други принципи треба тука да се решат и не оправдуваат никакво насилство, дури и да немаме имунитет, рече Мухиќ. Она што силно го изненадило на 27 април при упадот на граѓаните во Собранието е што видел омраза.

На владата која  треба да биде избрана вечерва тој и посака сите задачи да ги заврши, но да биде свесна дека најважната долгорочна задача е да се врати заемното почитување и довербата.

Антонио Милошоски реплицирајќи му на Мухиќ побара тој да не се обидува причината за ескалацијата во Собранието да ја отргне од последицата.

- Се согласувам со една работа дека ниедно насилство, ниту политичко, ниту деловничко, ниту физичко не е оправдано и не треба никаде и никогаш да се случи и дека нема цена со која некое насилство може да се оправда. Зарем беше преголема цената уште пет, десет, петнаесет дена говорење на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да се издржи и да се сослуша и потоа да се стигне до процедуралниот момент како дел од демократијата и да се оствари она што парламентарното мнозинство го замислило, праша Милошоски. Тој рече дека од Мухиќ не очекувале дека ќе влезе во прекршување на Деловникот.

Собраниската седница е прекината и како што најави претседателот на Парламентот Талат Џафери ќе продолжи во 21 часот.