Собранието расправа за Дополнетиот предлог за ребаланс на Буџетот
Во Собранието на Република Македонија денеска почна расправата за Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за годинава, во второ читање. Ребалансот се заснова на проекција за раст на реалниот БДП од 2,8 проценти во 2018 година, а буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 проценти од БДП.
– Се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и прилагодување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Позначајни дополнителни средства се алоцираат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување на Република Македонија. Со цел подобрување на фискалната позиција на општините се предвидуваат и три милијарди денари за финансиска поддршка на општините и единките корисници основани од нив, пред сѐ училишта, за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски, рече во образложението министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој потсети дека по слабиот економски раст на почетокот на годината, што беше одраз на движењата во градежништвото, во вториот квартал растот на економската активност значително забрза и достигна 3,1 проценти на годишна основа. И покрај значително забрзаниот економски раст во вториот квартал, како што рече министерот, тој не беше доволен за да се надомести слабата активност во првиот квартал, со што економскиот раст во првото полугодие е под очекувањата.
-Оттука, проекцијата за реалниот раст на БДП во 2018 година е ревидирана на 2,8 проценти од претходнмите 3,2 процента. Притоа, во наредниот период се очекува задржување на позитивните сигнали кај приватните инвестиции, како што се силниот прилив на странски директни инвестиции во државава, како и задржување на високиот раст на извозот и значаен придонес на потрошувачката врз растот, рече Тевдовски.
Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2018 година извршено е ревидирање на приходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година за незначителни 0,5 проценти надолу, за милијарда денари. Расходната страна на Буџетот на Република Македонија за 2018 година е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 проценти. Извршена е реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со цел непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, обезбедени се дополнителни 763 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и дополнителни средства во износ од 451 милиони денари на Агенцијата за вработување на Република Македонија за исплата на надоместокот по основ на невработеност. Намалени се одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, воглавно проекти финансирани со кредити.
– На ваков начин со ребалансот се создаде фискален простор за зајакнување на фискалниот капацитет на општините, преку финансиска поддршка на општините и нивните единки корисници од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита, во износ од околу 51 проценти од пријавените доспеани, а неплатени обврски во ЕСПЕО. На ваков начин се очекува да се зајакне фискалниот капацитет на општините, сервисирање на долговите и раздолжување кон стопанството, рече Тевдовски.
Тој најави дека проектираниот дефицит како и отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 16,2 милијарди денари и на домашен долг во износ од 12,2 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
-Покрај покривање на дефицитот, во 2018 година потребни се 28,4 милијарди денари за отплати на стари долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2018 година изнесуваат 46,5 милијарди денари. Овие потреби за финансирање ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност, информира министерот за финасии.
Нето-задолжувањето, односно разликата меѓу ново задолжување и отплати на стари долгови) во 2018 година изнесува 22,3 милијарди денари (5,5 милијарди денари нето домашно задолжување и 16,9 милијарди денари нето надворешно задолжување). Со ова, наведе Тевдовски, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 18,1 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 4,3 милијарди денари како депозит, потенцираше Тевдовски.
Како што наведе во експозето, во периодот јануари-септември е остварен дефицит на Буџетот на Република Македонија во висина од седум милијарди денари или 1,1 процент од проектираниот БДП за 2018 година. Државниот долг заклучно со 30 јуни изнесува 4,3 милијарди евра, односно 40,3 проценти од БДП, а јавниот долг 5,1 милијарди евра или 48,1 процент од БДП.
Стапката на инфлација во периодот јануари-септември годинава изнесува 1,5 процент. Во првото полугодие од годинава странските директни инвестиции во Македонија се со износ од 328 милиони евра и се повисоки за 245 милиони евра споредено со истиот период од 2017 година, односно за 146 милиони евра во однос на цела 2017 година.
Пратенциите ќе дебатират за експозето на министерот за финансии по паузата што е објавена до 15 часот попладне.
Ново на Сител
-
Демонстрантите во Нови Сад - 48 часа пред Градското собрание за да им се исполнат барањата
-
Нетанјаху го разреши министерот за одбрана Јоав Галант
-
Почна протест во Нови Сад, развиен транспарент - Виновни сте, ќе одговарате
-
Блокадата на пристапот кон депонијата кај Кочани продолжува, дел од барањата се исполнуваат
-
Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи, поднесени во кумановската полиција
-
СЗО: Голема медицинска евакуација од Газа е планирана неделава
-
СВР Велес со детали за сообраќајката во која загина едно лице, а три се тешко повредени кај Рибарци
-
„Гледам момче бледо како крпа, ги нема нозете а нема крв“, потресна исповед на таксист кој помагал на повредените во несреќата во Нови Сад