Скопје се подготвува да аплицира за европски град на културата
Град Скопје денеска организираше работилница во врска со иницијативата Скопје да биде европска престолнина на културата - титула за која се аплицира во Европската комисија.
Работилнилницата насловена „Значењето на титулата ’Европска престолнина на културата’ и нејзиниот придонес за културен и општ развој на градот“, е прва организирана активност откако Град Скопје минатата година донесе одлука градот да поднесе апликација за титулата, а во септември оваа година беше формиран и иницијативен одбор.
Претставници од четири града во регионот кои се избрани да бидат или се во поодмината фаза на подготовка за да аплицираат за европски престолнини на културата (Пловдив, Нови Сад, Риека и Љубљана) во текот на денов ќе разменат мислења и искуства за сите фази на тој долготраен процес.
Беше промовирано и логото за евентуалната кандидатура на Скопје (Скопје 2027), иако 2027 е само почетна цел на иницијативниот одбор за да се остави простор, бидејќи се потребни десетина години подготовителен период, а апликацијата се поднесува шест години пред годината за кога се планира носењето на титулата. Како град од земја која е кандидат за членство во ЕУ, според пропозициите на ЕК, Скопје може да се пријави за годините 2024, 2027, 2030 и 2033.
Отворајќи ја работилницата, скопскиот градоначалник Коце Трајановски истакна дека за да се оствари оваа цел, покрај инфраструктурни и човечки капацитети, потребна е и политичка подготвеност и волја да се прифатат европските и светските трендови и новитети во културата и нејзиниот третман како приоритетна област во развојот на градот.
- Наша цел е да покажеме спремност и стремеж градот Скопје во наредните две години да ги постигне следните цели: преземање низа активности за зголемување на турзимот и развојот на креативните индустрии, подигнување на меѓународната соработка и повисок степен на културен развој на градот, рече Трајановски, додавајќи дека инфруструктурата во областа на културата е унапредена со големиот број новоизградени и реновирани објекти во главниот град во кој, исто така, се одржуваат и повеќе манифестации и фестивали.
Претседателот на Иницијативниот одбор на проектот „Скопје - европски град на културата“ Бранислав Саркањац зборуваше за економските бенефити на некои од 52 града кои биле носители на титулата.
- Значењето ќе биде огромно и градот ќе добие многу, не само во таа година во која се надеваме дека ќе биде европски град на културата, туку воопшто во сите фази додека се дојде до титулата. Тоа ќе значи развој на градот на економски и на културен план. Ќе се зголеми бројот на турсисти, градот ќе се интернационализира, ќе биде повидлив и попрепознатлив, рече Саркањац.
Како пример го посочи Лил - град на културата во 2004, кога на едно вложено евро јавни пари во проектот, на градот му се вратиле осум евра, во унгарскиот Печуј во 2010 година бројот на туристи бил зголемен за речиси 30 отсто, во проектот за Марсеј во 2013 се влеани 16,5 милиони евра од преку 200 приватни компании, во малиот белгиски град Монс (кој оваа година ја делеше титулата со Плзен) за овој проект се изградени пет музеи...
Саркањац истакна дека апликацијата не може да ја прави градот сам, туку треба соработка и размена на искуства со други градови и партнери низ Европа. Во Македонија, пак, рече тој, од самиот почеток е потребна широка платформа за иницијативата и вклученост на креативниот потенцијал на што повеќе луѓе - од бизнис-заедницата, невладиниот сектор, уметници, ученици и деца кои ќе волонтираат со различни проекти.
Почнувајќи од 1985, Европската комисија секоја година одредува почесен домаќин на титулата „Европска престолнина на културата“, со цел да се промовира чувството на заедништво во ЕУ. За изборот решева независна меѓународна комисија во Брисел, а одлуката ја носи четири години однапред. Неа ја разгледува и Европскиот парламент, а ја изгласува Советот на ЕУ.
Во 2016 година престолнини на културата во Европа ќе бидат Сан Себастијан (Шпанија) и Вроцлав (Полска), во 2017 година титулата ќе ја делат Орхус (Данска) и Пафос (Кипар), во 2018 - холандскиот град Леуварден и главниот град на Малта, Валета, во 2019 - италијанскиот Матера и бугарскиот град Пловдив.
Ново на Сител
-
Прекината седницата за надзор на тајните служби – Реџепи не ги прифаќа барањата на мнозинството
-
Ахмети: Плоштадите ќе бидат полни ако Уставен го допре јазикот
-
Сиљановска отповика седум амбасадори, за назначување нови нема ниту почната постапка
-
Хајрулахи: Кривичната и оддалечувањето од работното место не се поради мобинг
-
Таравари формираше комисија за стручен надзор за смртта на 5 годишното девојче кое почина на детска
-
Во Скопје и денеска воздухот опасен по здравје, владата најави решение за аерозагадувањето
-
Мицкоски: Ако има поскапување на струјата,тоа ќе биде до 3%
-
Македонците онлајн пазарат од македонски продавници, главно облека