Македонија
10. August 2017 - 8:47

Шумски пожар му се заканува на манастирот Трескавец кај Прилеп

Над 50 хектари со борова и нискостеблеста шума од синоќа горат околу манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец кај Прилеп. Според командирот на противпожарната единица Станко Колески, пожарот започнал околу 16 часот над новите градски гробишта и се проширил со огромна брзина. Зафатена е планината околу манастирскиот комплекс.

- На терен се излезени екипи на противпожарната единица. Пожарот се шири со огромна брзина кон манастирот. Моментално има мали екипи на луѓе кои гаснат. Последниве денови има повеќе пожари на територија на Општина Прилеп, како екипа интервенираме со денови. Гаснењето во вакви услови е отежнато, терените се доста лоши, а температурите се високи. Повикуваме граѓаните да не палат оган на отворен простор и да ја почитуваат забраната за движење во шумите, изјави синоќа Колески, додавајќи дека на територијата на Прилеп активни се четири пожари.

 

Во опасност од големиот пожар се и населените места Горно Село, Мажучиште и Забрчани. Синоќа на теренот беше и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.

- Пред се, би го осудил несовесното однесување на поединци кои се предизвикувачи на голем дел од овие пожари и тука би ги повикал соодветните институции да реагираат, да се пронајдат сторителите на овие кривични дела и да се постапи според законот. Со сите овие пожари е направена огромна материјална штета, се прават големи трошоци кои се на товар на Општината, ТППЕ, јавните институции и сите кои се вклучени во гаснењето на пожарите. Бидејќи овој пожар е во близина на манастирот Трескавец, би упатил апел вечерва и утре да се пријават добровиолци за локализирање на пожарот за да не се прошири до самиот манастир, изјави Ристески.

Сите доброволци кои сакаат да учествуваат во гаснењето на пожарот кај Трескавец да се обратат до противпожарната екипа во Прилеп или на телефонот 193.