Свет
16. February 2022 - 9:56

Русија соопшти дека продолжува со повлекувањето војници од украинската граница

По завршувањето на воените вежби и денеска продолжи руското повлекување на силите што беа стационирани во близина на украинската граница, соопшти руското Министерство за одбрана, што Киев и западните престолнини сметаат дека е тешко да се прими за сериозно, јави ДПА.

Според Москва, неколку единици вклучени во маневрите на црноморскиот полуостров Крим, што Русија незаконски го анектираше од Украина во 2014 година, сега се вратени во своите бази.
 
Руските медиуми покажаа и видео материјал од кој се гледа како вод тенкови и други воени возила патуваат во темнината преку мостот на Крим, што го поврзува полуостровот со континентална Русија.

Министерството за одбрана дава малку информации за видот на силите што се повлекуваат и колку војници се вклучени, пренесува ДПА.

Во првичното соопштение Министерството за одбрана вчера наведе дека по завршувањето на воените вежби почнало повлекувањето на некои војници кои биле распоредени во јужните и западните воени области, во близина на границата со Украина.

Овој потег даде трошка надеж дека кризата долж границата со Украина се намалува по неколкунеделната интензивна дипломатија и закани од Западот за казнување на Русија со санкции доколку се одлучи да изврши инвазија врз соседот.