Реформа во образованието: Децата ќе остануваат подолго во училиште, ќе имаат многу спорт, интерактивна настава...
Основците од 6-то до 9-то одделение ќе бидат подолго на училиште. По завршување на часовите онаму каде има едносменска настава ќе имаат спорт, информатика, претприемништво, интерактивна настава, ќе учат за мирно решавање проблеми и препознавање на булинг. Ова е дел од новата реформа која ја претстави министерката за образование за да се подобри квалитетот на знаењето на децата и да се подготват за сето она што ги чека понатаму во животот. Според Јанева, ако треба наставниците ќе остануваат на работа и повеќе од тие законски 6 часа и ќе треба дополнително да се ангажираат.
- Реформата е наставниците да станат функционални во корист на учениците. Познато е дека имаме вишок наставници, а помалку деца. Но, ние не велиме дека има вишок, нам ни требаат наставници. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања. Домашните истражувања покажуваат дека нашите ученици каскаат зад своите врсници од странство. чениците нема цел ден да бидат над книга. Екс-катедра лекции веќе нема никаде. Учениците ќе имаат многу спорт, информатика, претприемништво, интерактивна настава, домашно во форма на истражување, да научат мирно решавање проблеми, препознавање булинг, прифаќање на различностите, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Министерката појасни дека децата ќе имаат време и да одморат.
- Затоа наставниците ќе треба дополнително да се ангажираат. На децата нема да им биде тешко, ќе имаат пауза, ќе имаат и некој празен час да се одморат, да се дружат, да си завршат некое домашно. Не е ништо страшно. Затоа почнуваме да го имплементираме ова таму кајшто има услови. Онаму каде што наставата се одвива во две смени, не очекуваме да се применува, рече министерката Јаневска,
Реформата ќе почне да се применува уште од оваа учебна година и тоа во околу 140 основни училишта бидејќи во толку има едносменска настава.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар