Македонија
17. February 2025 - 16:38

Предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, утре на владина седница

Владата на утрешната седница ќе го анализира мислењето со предлог за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Зошто треба тој да замине од функцијата, претходно аргументираше Министерество за правда.

„На утрешната владина седница ќе се разгледа мислењето доставено од Министерството за правда, по што согласно законските обврски, истото ќе се достави до Советот на јавни обвинители. Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем“, информира прес службата на владата. 

Според мислењето на Министерството за правда, Коцевски треба да биде разрешен заради како што наведуваат, низа скандали, нарушена функционалност, корупција и нарушени меѓучовечки односи во Јавното обвинителството. Имало и сомнежи за пристрасно постапување и судир на интереси во предмети за кои тој не се изземал.

Од владејачката партија велат дека Коцевски морал да поведе постапка и за влијанието на врховниот судија кој на дело беше фатен како зема поткуп.

„Ако Љупчо Коцевски работеше по закон, и ако сакаше да покаже дека може и знае да работи, тој ќе поведеше постапка против обвинителот и судијата врз кои Наќе Георгиев и Иџет Мемети извршиле влијание за Боро Марлборо да добие поблага казна. Тоа што Иџет Мемети и Наќе Георгиев завршија со спогодба, а корумпираните судии и обвинители врз кои тие влијаеле останаа да правораздаваат покажува колку Љупчо Коцевски немал идеја што треба да работи, или не сакал“, изјави Бране Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициската СДСМ е против разрешување на Коцевски. Тоа не било реформа, туку партизација во обвинителството. 

Предлогот за разрешување на државниот обвинител го анализира и Советот на јавни обвинители. Во рок од 30 дена го оценува со позитивно или негативно мислење. Бидејќи Коцевски по функција е член на Советот, тој не присуствува на седницата кога се разгледува предлогот за разрешување. Дозволено е само негово писмено изјаснување.

Својот заклучок, советот ќе го испрати до владата, а потоа предлогот за разрешување оди пред пратениците.

Државниот обвинител се соочи со разрешување откако назначи нов раководител на Вишото обвинителството. За Коцески, постапката е законска. Се воделе дисциплински постапки против шефот и неговиот заменик, па немало кој да направи план за работа на Вишото обвинителство.