Обвинителството почна постапка за малолетникот кој без возачка удри двајца тинејџери, но и за лицето што му го дало автомобилот
Против малолетникот од Косово, кој во петокот со автомобил удри двајца тинејџери во Скопје, поднесена е кривична пријава. Тој возел без возачка дозвола, а не му било првпат да земе автомобил од лице со кое не е во роднинска врска и да го управува. Малолетникот подолго време живее во Македонија, а Обвинителството покрена постапка против него согласно Законот за правда за деца, предлагајќи мерки на претпазливост. Обвинителството ќе постапува и по лицето што му го давало возилото иако знаело дека нема право да вози.
Бидејќи се утврдени основи на сомнение дека полнолетно лице подолг временски период му овозможувало на малолетникот без дозвола да управува со автомобилот ОЈО Скопје оформи предмет и против тоа лице и ќе ги испита и тие околности, велат од Обвинителството.
Двајцата тинејџери кои беа хоспитализирани со скршеници во болницата Св Наум Охридски, денеска се во стабилна состојба и веќе се пуштени на домашно лекување, велат од болницата за Сител.
Полицијата пак само викендов изрече 3.142 казни за сообраќајни прекршоци. 247 возачи возеле без возачка, а 111 лица биле фатени дека возат под дејство на алкохол. Засилените контроли низ улиците и патиштата во Македонија резултираа со 153 казни за неносење сигурносен појас и 56 за користење мобилен телефон при возење. Дополнително, 58 возачи биле фатени како управуваат нерегистрирани возила, а полицијата казнуваше и за пребрзо возење.
Резултатите од тие радарски контроли во неделата на територијата на државата беа евидентирани 429 возачи кои ја пречекориле брзината на движење надвор од населено место, и 488 возачи кои што ја пречекориле брзината на движење во населено место. Како епилог на тоа издадени се 870 платни налози и 47 писмени опомени.
За време на викендот, на патиштата низ земјава се регистрирани пет сообраќајни несреќи, од кои една со смртни последици. Во останатите четири незгоди, шест лица – двајца возачи, двајца сопатници, еден мотоциклист и еден пешак – се здобиле со тешки повреди.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар