Македонија
18. August 2023 - 14:21

Реџепи: Може да се случи албански општини одделно од македонските да бараат пат кон ЕУ

Пратеникот Скендер Реџепи, кој беше дел од Алтернативата, а сега дејствува како независен пратеник, прв од пратениците доби збор на седницата за уставните измени за вметнување на Бугарите. Тој бараше да се избрише формулацијата „20 отсто“ од Уставот при измените што треба да се донесат следниот период. Реџепи рече дека со вметнувањето на Бугарите ќе се отворат хоризонтите кон ЕУ, но во државата ќе има меѓуетнички тензии. Според него, Албанците не смее да бидат заложници.

„Може да се случат и други барања, албански општини да бараат пат кон ЕУ, одделно од македонските општини. Ова не би го посакувале, но реалноста е таа“, рече Реџепи.

Побара одговорност од пратениците.

„Македонија денеска е пред голема раскрсница. Имаме пат на кој можеме да патуваме заедно како народи, како заедничко тело на државата и докажувајќи дека Македонија може да биде дел од ЕУ. Најдобриот пат за сите граѓани е тоа што ние треба да отвориме нови хоризонти кон ЕУ и да ги затвораме и етничките прашања. Како може да се случи тоа. Со предлогот за измена јас би предложил таму да бидат и Гораните, Торбешите и овој Устав да биде иницијатива за бришење на ’20 отсто’ бидејќи е срамно и 20 години живеат со срам од тоа. Ова ќе биде добро за сите граѓани“, појасни Реџепи.

Според него, вметнувањето на Бугарите во Уставот нема да ги реши историските прашања што се отворени меѓу двете држави.

„Македонците не се тие што ќе бидат навредени за својот идентитет со вметнување на Бугарите во Уставот, туку е услов за патот кон ЕУ. Проблемите помеѓу Македонците и Бугарите нема да се решат со промената на Уставот. Без разлика дали ќе ги ставиме, за нив – Гоце Делчев останува Бугарин, а за Македонците – Македонец. Ова не може ние да го решаваме со пратеници, туку со историчарите“, додаде Реџепи.

Тој во континуитет зборуваше за национализам и за тензии. Потсети и на војната од 2001 година.

„Овде имаме етнички нерешени прашања. Ќе остане формулација ’20 отсто’ иако 30 пратеници потпишат таков предлог, нема подготвеност за таква измена. Ние ќе се согласиме за ставање на Бугарите во Уставот за да се отворат хоризонтите и тука ќе имаме стагнирање бидејќи Северна Македонија ќе има меѓуетнички тензии. Ова не е по вина на пратениците Албанци, туку пратениците Македонци, кои имаат лажен патриотизам и повеќе мислат на парламентарните избори отколку на иднината на Македонија“, рече пратеникот.