Македонија
12. July 2024 - 16:39

Кривична пријава за Бесија Илјази – Ја оштетила Токсикологија за 10.000 евра

Бесија Иљази повеќе не директорува со Токсикологија, но ќе одговара за злоупотреба на службена положба и овластување. МВР поднесе кривична пријава против 29 годишната тетовчанка која противправно ги ангажирала и исплаќала плати на 17-те договорци иако знаела дека тоа е спротивно на законите. Иљази во четиримесечниот мандат како в.д. организациски директор кога беа и скандалите на клиниката, ја оштетила установата за 10 илади евра.

Во март и април и покрај контролите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат кој укажа дека лица на кои им завршиле договорите не смеат да одат на работа, но и дека нивен повторен ангажман не може со потпис само на еден менаџер, не беше пречка за екс организацискиот директор да им потпише договори меѓу кои и на болничар кој  сакал урина со наркотици да биде заменета со чист примерок и да фалсификува токсиколошки резултат.

- На Б.И. и било познато дека од страна на в.д. медицинскиот директор на ЈЗУ Клиника за токсикологија на 28.03.2024 година се известени сите работници на Клиниката чии договори се истечени дека нивните обврски со Клиниката се завршени, се до нивно повторно ангажирање, согласно забраните предвидени во член од Изборниот законик, но и покрај тоа 11 здравствени работници со знаење на пријавената  и без склучен договор за вработување или договор на дело, продолжиле да доаѓаат на работа во Универзитетска клиника за токсикологија, вели Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

За односот на Бесија Иљази неколкупати со дописи реагираа и вработените од Токсикологија кои не наишле на никаква соработка а екс директорката не зборуваше македонски јазик и на новинари им кажуваше да дојдат со преведувач.

Таа беше назначена на фунцкијата ден пред распишување на изборите.

Новиот медицински директор на Токсикологија најави дека веќе нема да има каубојски вработувања.Минатата недела кога стапи на функцијата, Чибишев им се заблагодарил на незаконски ангажираните договорци и им кажал да не доаѓаат на работа.