Македонија
16. December 2024 - 19:47

Разбиена криминалната група „Беланоца“, вршеле убиства за суми до 250 000 евра

Разбиена криминалната група Беланоца-Барон. Четворица се уапсени по синоќешната акција на МВР и Обвинителството, осомничени се 18 лица. Дел од нив веќе се во затвор, дел во притвор, шестмина во бегство, а за двајца е распишана меѓународна потерница.

Криминалната група планирала и организирала убиства, кој, како и кога ќе биде ликвидиран, а со апсењата е расветлено и убиството во Шиша бар. Сите од групата имале улоги околу извршувањето на убиствата- кој ќе пука, кој ќе ја следи метата, кој ќе обезбедува возила.

Иако акцијата на МВР требаше да се спроведе утре, некој им дал информации на криминалнмите банди па синоќа започнаа претресите и апсењата. За тоа кој ја пробил акцијата, Тошковски вели има нечесни полицајци кои соработуваат со криминалците.

Осум убиства за четири години, дел за пари дел за мафијашки пресметки, соопштија од обвинителството кое за оваа акција спроведуваше неколку месечна предистражна постапка.

Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобзирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група во периодот од 2020 до 2024 година во шест кривично правни настани лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност.

Претресите продолжуваат, досега се запленети околу 500.000 евра и оружје. Покрај убиства лицата се сомничат и за изнуди и тешки дела против општата сигурност.