Недостапен е сведокот кој ги поврзал убиствата на Вања и Панче
Јавното обвинителство не може да го обезбеди сведокот кој ги поврзал убиствата на Вања и Панче.
„Во однос на Гоце Трајковски, Обвинителството не може да го пронајде. Од Министерството за внатрешни работи не известија дека истиот не престојува на неговата адреса според патната исправа која не е менувана, и не е достапен на органите на прогонот“, изјави обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
Претходно, обвинителството објави дека Трајковски е осомичен за подметнување пожар во период кога требаше да се појави како сведок. Неговата мајка го оправда дена не дошол заради паничен напад и висок притосок. Денеска и судот најави дека ќе го бара Трајковски. Ако не го пронајде, ќе се чита неговиот исказ даден во текот на истрагата.
Сведоците повикани од обвинителството рекоа дека Трајковски обезбедувал снимки од безбедносни камери, а бил и прв кој ги поврзал исчезнувањата на Вања и Панче.
На денешното судење, исказ имаа последните сведоци предложени од Јавното обвинителство. Двајцата полицајци кои биле вклучени во претресот на домот на мајката на Љупчо Палевски и неговиот брат, негираа дека од нивните телефони ѕвонеле кон бројот на Вања. Таквите изјави, според Палчо биле невистинити. Тврдеше дека во службените белешки полицијата навела дека од броеви на фамилијата Палевски имало повици кон телефонот на Вања.
Судењето продолжува во петок кога обвинителството ќе почне со изведување на писмени и материјални докази за петтемина обвинети за убиствата на Вања и Панче.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар