Прва средба на Муцунски - Георгиев утре во Минхен
Договорена средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија. Според МНР, состанокот помеѓу Муцунски и Георгиев ќе се случи утре на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Ова ќе биде прва средба на шефовите на дипломатии,а според најавите се очекува да разговараат за почетокот на процесот на преговори со ЕУ, кои се закочени поради барањата на нашиот источен сосед. Македонската страна седнува на маса со позициите за уставни измени со одложено дејство, став со кој настапи и пред европските челници. Георгиев и по назначувањето порача дека бугарските црвени линии се јасни и нема да прават отстапки.
Состанокот доаѓа само неколку дена по осудите на официјална Софија за изјавите на македонскиот премиер Мицкоски, дека македонското малцинство во Албанија е под притисок за бугарска асимилација.
Во Минхен е и премиерот Мицкоски од македонска страна и бугарскиот претседател Радев , но дали е можна нивна тет-а-тет средба засега не се споделува.
А европските интеграции и отстапките кои беа направени биле тема и на средбата на премиерот Мицкоски и п рвиот човек на Европскиот совет Антонио Кошта. Мицкоски му порачал дека Македонија заслужува да оди напред и конечно да не биде заложник на билатерални спорови и препреки.
„На тој план Македонија направи многу и Европската Унија мора да покаже подготвеност тоа да го вреднува на вистинскиот начин, а тоа е преку динамизирање на процесот на преговори со Европската Унија. Владата е силно посветена на судските реформи, испорачување на правдата и борба против организираниот криминал за што е потребна поддршка и мобилизација на сите општествени чинители, истакнал Мицкоски.
Изминатиов период Брисел исрати пораки дека очекува вистински напредок во проширувањето во следните пет години. И високата претсатвничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас од состанокот на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ порача дека Западен Балкан е дел од европското семејство.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар