Македонија
14. February 2025 - 17:12

Правда ја почна постапката за разрешување на Коцевски

Со предлог до Владата Министерството за правда ја почна постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. 

„Во изминатиот период бевме сведоци  на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство.

Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија постапувал во предмети во кои согласно законските одредби постоеле околности кои предизвикуваат сомневање во неговата непристрасност, како и судир на интереси, а за кои околности тој требало да знае и требало да се изземе. “ – се вели во соопштението на Министерството за правда.

Владата се реши на овој чекор на денот кога извештајот на Транспаренси покажа лоша слика за македонската борба против корупција и неколку дена откако Коцевски назначи нов раководител на вишото обвинителство откако претходно таму дисциплинираше двајца обвинители. 

Еден од нив му поднесе и кривична пријава. 

Цветановски вели дека и тој како и обвинтиелот Хајрулахи е жртва на предметот со бонусите во СЈО за кој од Коцевски добивале закани да биде затворен

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска го обвини Коцевски за соработка со СДСМ

Во СДСМ се против разрешување на Коцевски. Лидерот Филипче вчера рече дека тоа би претставувало партизација на обвинителството коментирајќи дека менувањето обвинители не претставува реформа. 

Постапката за разрешување на Коцевски сега Владата ја префрла во Советот на Јавни обвинители кој најдоцна за 30 дена ќе мора да излезе со свое мислење. Штом го добие мислењето, Владата заедно со предлогот за разрешување му го доставува на Собранието кое за разрешување на Коцевски треба да обезбеди апсолутно мнозинство од 61 пратеник.