Македонија
14. February 2025 - 17:11

Нова истрага за криминал во РЕК Битола

Екс директорот на РЕК Битола, ја Пеце Матевски ја отфрлил најевтината, а одбрал поскапа понуда на тендер во 2022 година. Обвинителството го сомничи за злоупотреба при јавна набавка, која резултирала со оштетување на буџетот за 178.370.320 денари. 

Обвинителството реши да постапува по пријавата на Финансиска полиција, што освен за него, поведе постапка за други седум лица за злоупотреба на службената положба и несовесно работење. 

Матевски  се сомничи дека додека бил директор на РЕК Битола, во постапка за јавна набавка за ископ на инвестициска откривка во Брод Гнеотино, ја искористил службената положба и овластувања и на 19.08.2022 година донел Одлука за избор на најповолна понуда, со која противправно ја отфрлил понудата на едно правно лице, иако таа била најниска. Противправно за најповолна понуда ја избрал поскапата понуда на осомниченото правно лице со кое склучил

Договор и рамковна спогодба за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино и Анекс 1 кон Основниот Договор на износ од 849.600.000 денари.

Не работел сам. Вториот, третиот и четвртиот осомничен  се членови на стручна комисија за евалуација. Тие ја ограничиле конкуренцијата и му овозможиле на Матевски да донесе незаконска одлука за избор на најдобар понудувач.

Петто, шесто и седмопријавениот биле претседател и членови на Комисијата за спроведување на постапката за јавна набавка кои противправно ја оцениле како неприфатлива понудата која била поевтина.

И три лица од Бирото за јавни набавки се под лупа на истражните органи. Осомничени се дека постапиле несовесно вршејќи управна контрола на постапката и констатирале дека е законски спроведена. 

„Со реализација на Договорот за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод Гнеотино, пријавените овозможиле осомниченото правното лице да оствари противправна имотна корист, со што на Буџетот на РСМ направена е штета во висина од 178.370.320 денари. За управителот на правното лице поведена е постапка за поттикнување на злоупотребата“, појаснуваат од ОЈО Битола.

Поради опасност за бегство, јавниот обвинител од судија на претходна постапка побарал да им се земат пасошите и имаат обврска задолжително да се јавуваат кај надлежен орган. Мерките се предложени за сите седум лица, а Матевски веќе е во притвор поради друг предмет. 

Исто така, со цел обезбедување на имотната корист од незаконските дејствија, јавниот обвинител предложи привремени мерки за обезбедување – замрзнување на пари во износ од 178.370.320 денари на банкарска сметка, како и движен имот од правното лице и управителот, односно 12 возила за кои има сомнение дека биле набавени со нелегално стекнатата имотна корист.