Македонија
28. August 2019 - 19:14

Прослава по повод Денот на рударите во Крива Паланка

На градскиот стадион во Крива Паланка во организација на компанијата „Булмак 2016“ денеска свечено беше одбележан 28 Август –Денот на рударите со присуство на околу 800 вработени во двата рудника за олово и цинк „Тораница“ и „Злетово“, на претставници од Владата и од локалните самоуправи каде гравитираат рудниците.

-Крива Паланка  е позната како град на рударството, кое има значителен удел во индустриското производство, не само во локалната економија, туку и во национални рамки. На оваа производствена гранка  се темели нашиот севкупен локален и економски развој, а „Тораница“ отсекогаш била стратешки гигант и за општината и државата.  Од пред три години „Булмак 2016“ отвори нова надеж за Осоговското рударство и постави нови стандарди и перспективи за идниот развој на рудникот. Оваа компанија во моментот ангажира најголем број на вработени во општината, а кога работи „Тораница“ индиректно тоа значи функционирање на останатите економски гранки, градот живее, имаме подобар стандард на граѓаните, се подобрува социоекономската состојба, се намалува невработеноста и миграцијата, рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Мицевски им оддаде почит на сите вработени рудари кои ја обавуваат оваа високо ризична професија, а од име на Општина Крива Паланка додели плакета на „Булмак 2016“ за поддршката на културниот, економски  и севкупниот развој на општината.

На прославата присуствуваа и претставници од „Минстрој холдинг АД“, Софија, Р Бугарија, мајка компанија на „Булмак 2016“. Извршниот директор на Минстрој потенцира дека пред точно три години на овој ист ден претставникот на бордот на директори Николај Валканов нагласил дека двата рудника кои во тој момент беа во лоша состојба, ќе се развиваат.

-Денес нашата стратешка инвестиција резултира со повеќе од 800 вработени во двата рудника, со постојан раст на производството и постојани инвестиции во работна опрема неопходна за непречена работа, денес слободно можам да кажам дека е успех што гледам толкав голем број вработени, присутни на одбележувањето на денот на рударите. Тоа е доказ дека со напорна работа и голема верба се постигнуваат големи резултати, рече Неделчо Бонев, извршен директор на „Минстрој Холдинг“.

Прославата, со која воедно се одбележа и Успението на Пресвета Бопгородица, помина во пријатна атмосфера и дружење со познати домашни фолк-ѕвезди и заедничка дружба на присутните.