Македонија
22. September 2016 - 8:46

Премиера на краткиот филм „Исклучиво жолти лалиња“

Краткометражниот игран филм „Исклучиво жолти лалиња“ во режија на Кузман Кузмановски, а според сценарио на Ева Камчевска вечер премиерно ќе биде прикажан во Кинотека на Македонија. 

Филмот се снимаше од први до шести април годинава на неколку локации во Скопје и околината. 

Според својот жанр, филмот спаѓа во еден од поретко застапените жанрови во Македонија - комедија. Во него се раскажува за Гиго, 35-годишен писател кој живее самотнички живот како интровертен и срамежлив човек. Откако добива покана за кафе од својата пријателка, се исполнува со надеж дека повеќе нема да биде сам. Од некаде начул дека оваа жена сака жолти лалиња и во обид да остави добар впечаток, одлучува да најде жолти лалиња, без оглед на се.

Актерската екипа ја сочинуваат Тони Михајловски, Горан Трифуновски, Александра Павлова, Снежана Киселички и Кети Илиевска.

Директор на фотографија е Кирил Шентевски, сценограф Дејан Ѓошевски, шминката е на Игор Петрески, а продуценти се Калина Кузмановска и Кузман Кузмановски.

Зад реализацијата на овој филм стои продукцијата Аурипигмент. Филмот е со финансиска поддршка од Агенција за филм на Република Македонија.