Свет
15. May 2016 - 14:46

Пред избирачкото место на Меркел пронајдена свинска глава

Германската полиција пронајде свинска глава пред влезот на избирачкото место на канцеларката на Германија, Ангела Меркел во северниот град Стралсунд во покраината Мекленбург - Форпомерн, јави дописникот на МИА од Берлин.

Полицијата најави истрага за инцидентот, што се случил вчера, но не откри детали за настанот кој се оценува како политичка порака за канцеларката Меркел и нејзината политика на отворени врати за бегалците во Германија, кои во најголем дел се муслимани.

Според последните анкети, речиси две третини Германци не го сметаат Исламот за дел од Германија, а истражувањето на јавното мислење на агенцијата ИНСА покажа дека околу 50 проценти од германските граѓани не сакаат Меркел да добие четврт мандат како канцеларка на парламентарните избори закажани за наредната година.

Предходно во неколку наврати на различни локации во Германија, меѓу кои и пред една џамија, беа оставени свински глави како израз на револт кон зголеменото присуство на Исламот во земјата.

Користејќи антибегалска и антиисламска реторика, крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) минатиот месец дојде до својот рекорден рејтинг од 14 проценти.