Македонија
16. March 2016 - 16:57

Потпишан меморандум за соработка меѓу осигурителите на депозити од балканскиот регион

Фондовите за осигурување на депозити од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Србија, на 11-ти овој месец во Златибор, Србија, потпишаа меморандум за разбирање, со цел да се зајакне соработката и размената на експертиза.

- Меморандумот за разбирање треба да им се овозможи на потписниците да воспостават заеднички платформи со цел застапување на нивните заеднички интереси во меѓународните организации, подобрување на нивното искуство и експертиза, како и блиска заедничка соработка за поддршка и учество во финансиската стабилност во регионот, се вели во денешното соопштение од Фонд за осигурување на депозити на Република Македонија.

Потписниците, како што се посочува, на состанокот утврдиле дека овие цели ќе се исполнат преку размена на релевантни информации за состојбите во националниот финансиски и банкарски сектор, учество во практични вежби за симулација на криза, иницирање на заеднички истражувачки проекти, подобрување на регулаторната рамка и практики, воспоставување на експертски групи, размена на вработени и обука...

На состанокот се одржале и панел дискусии за мониторинг на ризици, процена на премии за осигурување на депозити и финансирање и управување на фондови за осигурување на депозити.

Претходно состаноци на фондовите за осигурување на депозити од Балканскиот регион и членовите на Европскиот Форум на осигурители на депозити беа одржани во Хрватска и Босна и Херцеговина во 2015 година.