Македонија
25. July 2015 - 10:34

Погорелиќ: Прекрасно е повторно да се биде на „Охридско лето“

Катедралната црква Света Софија во Охрид вечерва ќе биде исполнета до последно место, фестивалската публика во рамки на „Охридско лето“ ќе има можност и привилегија да ужива во музицирањето на Иво Погорелиќ, еден од најголемите и најкотраверзните пијанисти на своето време.

Големиот Погорелиќ пред вечерашниот концерт даде кусо интервју за МИА, во кое вели дека прекрасно е чувството што повторно е дел од Фестивалот „Охридско лето“, што повторно ќе настапува во прекрасната акустика на Света Софија.

- Чуството е прекрасно, како впрочем што беше и во далечната 1981 година. Амбиентот е инспиративен. Тука ми е многу пријатно, прекрасна е црквата, ми се допаѓа акустика, менталитетот на луѓето кои имаат внатрешен мир во себе. Се чуствувам многу пријатно, изјави за МИА големиот уметник.

Инаку, големиот интерес за неговиот настап и фактот што веднаш после објавувањето на фестивалската програмата билетите за концертот беа распродадени за два дена, ги натера луѓето од „Охридско лето“ во контакт со великиот маестро да закажат уште еден концерт, веќе за утре 26 јули.

Погорелиќ рече дека пресудно за закажувањето на вториот концерт била токму желбата да им излезе во пресрет на сите оние вљубеници во класичната музика кои поради вакви или онакви причини не успеале да обезбедат билет навреме.

- Пресудно за вториот концерт беше бројот на местата за публиката. Света Софија е премала да ги прими сите оние кои сакаа да дојдат  на концертот. Од друга страна токму овој материјал го подготвувам за еден друг проект и ете решив да го слушнете по втор пат. Тоа е од мои посебни уметнички причини, нагласи хрватскиот пијанист.

За неговите активности во овој период тој истакна дека многу работи, се подготвува за следните настапи.

- Многу други нешта и обврски следуваат после концертите во Охрид. Во меѓувреме работам на некои композиции, како нови така и обновувањето на некои постари, сето тоа во рамки на еден творечки процес кој би можело да го наречам креативен, но истовремено и многу освежувачки за мене, појасни маестро Погорелиќ.

За успех и кариера на секој уметник, Погорелиќ тој вели дека, неизоставно е да се верува во своите принципи и под никоја цена тие да не се занемарат или заменат со некои минорни вредности.

- Секој има свои вредности и најважно е да не се дозволи нивно компромитирање, порача Погорелиќ.

Иво Погорелиќ вниманието на светската јавност врз себе го привлече во текот на осумдесеттите години од минатиот век, преку своите виртуозни и поразлични интерпретации на Шопеновата музика, но и на онаа од другите светски композитори. Роден е во Белград, каде што на 7-годишна возраст започнува да го изучува пијаното. На 12 години заминува за Москва, каде што продолжува неговото школување. За неговиот талент тогаш, говорат големиот број награди и признанија што ги добива на интернационалните натпревари, како и „контроверзното“ учество на еден од најзначајните – Интернационалниот натпревар „Шопен“ во Варшава. Имено, во 1980 година, одлуката на жирито на овој натпревар да не го пушти овој млад пијанист да свири во финалниот концерт, поради неговата „изразито слободна интерпретација на авторскиот текст“, предизвикала бурна реакција кај публиката. Контроверзноста се зголемила со тоа што еден од членовите на жирито – реномираната аргентинска пијанистка Марта Аргерич, своето несогласување со одлуката го демонстрирала на тој начин што го напуштила натамошниот тек на натпреварувањето. Овој настан, тогаш го свртел вниманието на целата музичка јавност кон овој млад пијанист. Оттогаш тој непрестајно ја воодушевува публиката и критиката низ целиот свет. Покрај изведувачката, значајна е и неговата општествена дејност. Во 1986 година, Погорелиќ основал фондација во Хрватска со цел да им помогне во понатамошното школување на младите музичари. Во Германија, пак, создава фестивал чија цел е промоција на млади музички уметници кои се на самиот почеток од својата кариера. Значајна е и неговата хуманитарна работа поврзана со донации на организацијата „Црвен крст“ и други невладини организации.