Падна дел од барокната фасада на зграда во центарот на Скопје
Падна парче од барокна фасада на зграда во строгиот центар на Скопје. Од фасадата со безброј пукнатини сега висат уште неколку делови кои се потенцијална опасност за граѓаните. Инцидентот се случил рано утринава и за среќа нема повредени, но направена е материјална штета. Под зградата има неколку кафулиња, па парчето од фасадата паднало врз рекламен знак на едно од нив. Рекламата се срушила, а вработени од кафулето за Сител велат „среќа не бевме отворени бидејќи можело да падне врз некој од гостите“. Тие ни кажаа дека уште пред еден месец пријавиле оти висат делови од фасадата кои може да се откорнат, но не реагирал никој.
Зградата се наоѓа на улица Македонија каде секој ден минуваат и седат стотици луѓе, многумина од нив туристи. Оние кои ги прашавме, ни рекоа дека голем број од барокните фасади се распаѓаат и се плашат за својата безбедност.
Од Град Скопје велат дека не се надлежни за одржување и станарите треба да си ја санираат штетата.
„За реновираните фасади на згради на улица Македонија кое го вршел Град Скопје кога градоначалник бил Коце Трајановски, а во рамките на проектот ‘Скопје 2014‘ за кој Владата во тоа време наменила средства, а кои се на објекти во туѓа сопственост, Град Скопје нема обврска ниту договор за одржување. За истото неопходно е да се обратите кај сопствениците на објектите“.
Деканот на градежниот факултет советува веднаш да се направи преглед и поправка за да се избегне поголем инцидент.
За обновата на десетина згради беа потрошени речиси 14 милиони евра.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар