Поетски читања на 54. Струшки вечери на поезијата
Омажи на лауреатите на Струшките вечери на поезијата во рамки на одбележувањето 50 години од востановувањето на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, поетско читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“, „Поезија на пат“ и традиционалните “Ноќи без интерпункција“, се дел од денешните случување на 54. издание на фестивалот.
Поетски портрет ќе има лауреатот од 1997 година, сиријско – либанскиот поет со светска слава Адонис. Творештвото на најголемиот современ арапски поет претставува сјајна лирска синтеза на Истокот и на Западот, еден нов литературен израз и толкување. Автор е на повеќе дела, книги и есеи.
Вечерва, прв пат на ова фестивалско издание, покрај во Струга поезија на отворено ќе се чита и во Скопје, Битола, Ресен и Охрид.
Фестивалот почна вчера со традиционалното засадување дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот, добитникот на највисокото признание „Златен венец“, кинескиот поет Беи Дао, читање на Константиновата Т’га за југ, поетско послание на Адони и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата. Поетското читање имаа и учесниците од платформата „Версополис“.
На свеченото отворање присуствуваа министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска, државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби, директорот на Струшките вечери на поезијата Мите Стефоски, претседателот на Управниот одбор Славе Ѓорѓо Димоски, поети, граѓани...
Струшките вечери на поезијата, според министерката, се голем триумф на македонската култура и традиција која несомнено на еден благороден начин го збогатува европскиот и светскиот културен простор. Тие се придонес на земјава во заемното запознавање и почитување на културите и градењето на новата димензија на пријателството меѓу народите во светот.
Оваа манифестација, преку која одекнува полифоничноста на поетскиот збор, е најголем афирматор на поетските вредности на сите светски јазици, но и на универзалниот сон на човештвото кој едноставно вели дека историјата ја уништува идејата за вечноста, а поезијата може да го спаси светот, истакна Канческа-Милевска.
Достигнувањата на СВП, додаде не обврзуваат и во иднина заеднички да ги градиме нераскинливи културни врски меѓу нас, да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор. За делата на лареатот Беи Дао и неговата поезија заклучи дека тој е исклучителна појава во светската поетска историја, поетски глас на една генерација на автори кои одбележаа значајна епоха од развојот на светската литература.
Адонис во своето поетско послание говореше за интеграцијата на човекот во универзална културна машина која мисли наместо него, нагласувајќи дека поезијата мора да излезе од таа фабрика.
Поезијата нема да излезе од рутината измислувајќи некоја нова удобност за човекот кој би ја трансформирал во еден вид на проповедање и би станала дискурс на банализација и информација. Таа ќе избега од оваа апорија, од оваа склероза, кога човекот ќе пишува за себеси, себеиспрашувајќи се за своите маки и распетија, физички или метафизички. Кажувајќи ги работите без никакво учење и надвор од секаков систем на мислата, рече Адонис.
Поезијата, додаде тој, ги разнишува стереотипите и значи вечно движење кон откривање на креативната енергија на светот.
Престижната награда на Беи Дао ќе му биде врачена в недела на традиционалното поетско читање „Мостови“. На 54.Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 44 поети од 29 земји. Присутни ќе бидат имиња во современиот поетски свет од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија...
Ново на Сител
-
Лајчак: Искористете ја шансата за влез во ЕУ, да не останете запоставени
-
ОЈО побара притвор за 9 од вкупно 23 осомничени во акцијата ,,Адитив''
-
Храната поскапува - Власта уверува дека цените ќе паднат со новогодишната кошница
-
Реставрација на споменици на културата
-
Преглед на вестите од свет
-
Законот за јазиците пред Уставен
-
Приведените во „Адитив“ пред суд
-
Расте откупната цена на тутунот