Македонија
8. May 2018 - 15:26

Поднесено обвиние против поранешниот градоначалник на Прилеп

Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинение против поранешниот прилепски градоначалник Марјан Ристеска за несовесно работење во службата, при избор на директор на Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“.

- Според обвинителниот предлог, осомничениот го извршил делото на начин што по објавената одлука од страна на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп и распишаниот јавен конкурс за избор на директор на јавната установа во кој како посебен услов било предвидено работно искуство од 4 години по дипломирањето, донел решение со кое за директор на Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп избрал кандидатка која во времето на изборот имала работно искуство од 2 години и 6 месеци по дипломирањето и не го исполнувала посебниот услов предвиден во конкурсот, соопшти Јавното обвинителство на РМ.

Во истиот предмет, за лицето кое било избрано за директор со Решение била отфрлена кривичната пријава за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Надлежен јавен обвинител утврдил дека пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност.

- Во конкретниот случај не произлезе дека осомничената на некаков начин ја искористила својата службена положба или овластување, дека ги пречекорила границите на своето службено овластување, па со тоа за себе или за друг да предизвикала некаква корист или на друг да му предизвикала некаква штета, ниту пак ова кривично дело е сторено при вршење јавни набавки или пак на штета на Буџетот на РМ, се појаснува во соопштението од ЈОРМ.

Надлежниот јавен обвинител утврдил дека незаконските дејствија со изборот на осомничената за директор, иако таа не го исполнувала посебниот услов наведен во јавниот конкурс, ги сторил оној кој го извршил изборот.