По ДСЗИ, од вчера случајот со смртта на 14 месечното бебе го истражува стручната комисија
Комисијата за стручен надзор вчера со саати била на Клиниката за детски болести истражувајќи го случајот со смртта на 14 месечното бебе од Гошинце. Двајцата педијатри и анестезиолог избрани од Министерството за здравство ја разгледале целокупната медицинска документација и разговарале со сите кои биле инволвирани во третманот на бебето кое почина пред четири дена на Детска.
ДСЗИ вчера го објави извештајот за патеката на движење на бебето кое поминало три здравствени институции, двапати било враќано од клиника за кога веќе било хоспитализирано да заврши со трагичен епилог. Дали некој направил пропуст ќе утврди Комисијата, но директорот на Детска ги отфрла информациите за нестручност особено на одделот за интензивна.
-Ги отфрлам категоришно сите шпекулации во однос на стручноста особено на одделот за интензивна нега бидејќи ние сме Универзитетска клиника, терциерно ниво и секој лекар што работи во оваа клиника без разлика на кој оддел е мора да помине низ сите испити особено во делот на интензивно лекување, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.
Освен надзорот кој треба да ги даде одговорите како и зошто почина 14 месечното бебе, МЗ го чека и и звештајот од Комисијата за смртта на 31 годишната родилка која почина за време на породувањето во кумановската болница. Ноивороденчето, пак, по десет дена на Детска, повеќе не е на респиратор.
-Пред два дена е одвоено од респиратор, има сопствено дишење и е стабилно. Секак осега се следи од невролошки аспект, има некои невролошки испади во однос на конвулзии, вели Мемеди.
За една недела два смртни случаи во здравствени установи, два вонредни надзори и две стручни комисии. Дали е постапувано по протоколите и има ли лекарски пропусти ќе извести Министерството за здравство.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар