Македонија
30. April 2020 - 16:53

Пет пати повеќе оздравени од новозаразени - четири лица починаа

Пет пати повеќе оздравени од новорегистрирани случаи со Ковид-19 во Македонија изминатото деноноќие. Според министерот за здравство ова води кон стивнување на епидемијата.

Статистиката на Институтот за јавно здравје последните 24 часа регистрираше 111 лица кои се избориле со вирусот, 23 новозаболени и 4 смртни случаи.

Меѓу починатите се две жени од Куманово на 72 и 79 годишна возраст. Едната се лекувала во домашни услови, а другата на Инфективното одделение во кумановската болница. Битката со коронавирусот на Инфективната клиника ја загубија и 62 годишен маж од Скопје, а во ГОБ 8 септември почина пациентка од Гостивар на 59 години.

Досега во државата има 77 смртни случаи од компликации од коронавирусот.

Од друга страна најмногу од новите 111 оздравени пациенти, односно 74 има во Куманово, Скопје 13, а во Прилеп 18 лица.

Новите 23 случаи се откриени од направените 386 тестирања.

Филипче најави дека комисијата за заразни болести веќе изготвила протоколи како и под кои услови животот во земјава ќе се враќа во нормала.

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид -19 во земјава достигна 1465 лица.

Во моментот на болничко лекување се 125 пациенти, 6 од нив се во критична состојба и приклучени се на респиратори.