Македонија
19. May 2024 - 16:33

Преспанскиот договор - Секојдневна тема во Атина

Преспанскиот договор високо на агендата на почитичарите во Атина. Шефот на грчката дипломатија вели дека неопходно е доследно и целосно почитување на Договорт од Преспа.

Во интервју за весникот „Реал њуз“ рече дека трите меморандуми кои се уште не се ратификувани во грчкиот Парламент ќе бидат донесени во соодветен политички момент. Ратификацијата, според него, зависи од доследното и целосно спроведување на Договорот од Преспа бидејќи освен прашањето за уставното име, постојат и други суштински нерешени прашања.

-Реалноста е дека сакаме да ги донесеме меморандумите за ратификација, бидејќи и ние во принцип се согласуваме со европскиот пат на Северна Македонија. Меѓутоа, ова не може да се случи, доколку не постои целосно и опипливо усогласување со Договорот од Преспа. Да не заборавиме дека имплементацијата на Договорот е јасен предуслов за интегративниот процес на Северна Македонија, рече шефот на грчката дипломатија.

И поранешниот министер за надворешни, кој стави потпис во Преспа, Никос Коѕијас во колумна за „Катемирини“ го коментираше Договорот. Вели, тој обезбедува стабилност во регионот и безбедност во Грција. Пишувајќи за Преспанскиот договор, вели Македонија признала дека нема никаква врска со Александар Македонски, а македонскиот јазик бил „јужнословенски“.

-Договорот од Преспа ги погоди аспектите на либертаријанизмот во својот корен. Пријателот Северна Македонија препозна дека историјата на Славомакедонците започнува дури во 7-ми н.е. век и призна дека тоа нема никаква врска со Македонија на Александар Македонски (член седум од договорот). Според тоа, нивниот јазик нема никаква врска со античка Македонија, туку е јазик, како што пишува во договорот, „јужнословенски“, односно илјада години помлад од македонското кралство, пишува Коѕијас.

Сепак, упати и критика кон грчките власти поради неносењето на протоколите во Парламентот.

-Владата не само што не ги направи пропишаните меѓувладини дејствија, туку господинот Мицотакис не ни стапна во Скопје. И „Се прашувам“, не се запраша ли еднаш актуелната власт што ќе се случи ако се откаже во пракса, со тоа што го прави или договорот е неорганизиран? И бидејќи се прашувам, може ли некој да ми каже зошто ќе и наштети на Грција да го контролира воздушниот простор на Северна Македонија? Дали е „предавство“ да се донесат овие протоколи што го предвидуваат тоа во парламентот, додека ако Турција ја преземе одбраната над нашата северна граница тоа ќе биде врв на „патриотизмот“ како што некои глупаво тврдат? А подолу, што би се случило со Грција ако ги обучува северномакедонските свештеници, судии, дипломати и повеќе војници од денес? Што би ѝ наштетила на Грција и затоа владата пет години одбива да ги донесе на гласање протоколите-меморандумите за нив и зошто некои луѓе, не знаејќи ни нивната содржина, го сметаат за преговарачка хартија на сметка на друга страна?, вели Коѕијас.

Но лидерот на СИРИЗА, партијата која беше на власт кога Македонија и Грција го потпишаа договорот вели дека доколку премиерот Мицотакси смета дека е предавнички, сега има шанса да го поништи.

-Испраќам јасна и едноставна порака до премиерот. Договорот од Преспа е билатерален. Ако продолжувате да сметате дека е предавнички, постои само еден начин. Да го сторите она што го кажуваа вашите претставници, а многумина од нив сè уште го кажуваат: „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. Ова го кажуваа. Истото го посакуваат и т.н. „борци за Македонија“ што ги вадевте на улица и се ваши гласачи: Да го поништите. Па, еве го Скопје, отидете. Да видиме. Но, нема да го сторите тоа. И знаете зошто нема да го сторите тоа? Бидејќи Договорот од Преспа е тоа што го сакавте како партија, но тогаш Груевски во никој случај не прифаќаше да направи толку отстапки, како што направија пред Владата на СИРИЗА, пред Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, истакна Каселакис.

Преспанскиот договор се актуелзираше во македонската и грчката јавност откако претседателката Гордана Силјановска Давкова ја избегна „Северна“ во свечената заклетва. И идниот мандатар за состав на нова Влада, Мицкоски најави дека тој во јавните настапи ќе користи „Македонија“ и „македонски“.