Македонија
19. May 2024 - 16:33

Уставен Суд ќе бира нов претседател, Кацарска без право на реизбор

До крајот на месецов, На чело на Уставниот суд ќе застане нов претседател. Тригодишниот мандат на Кацарска завршува на 2 јуни, а нејзнин наследник ќе се бара од редот на останатите осуммина судии. Според деловникот на Уставен, секој може да биде предложен од својот колега, а за избор му треба поддршка од најмалку шест гласови.

Уставниот суд ќе добие нов претседател. Мандатот на Добрила Кацарска истекува во првите денови на јуни, па нејзин наследник уставните судии ќе бараат до крајот на месецов. Деловникот на Уставен предвидел дека претседател се бира од редот на уставните судии, а како што е наведено, секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател, го утврдува комисија од тројца избрани со мнозинство од вкупниот број на судии“.  Гласањето е тајно, а за избор е потребен гласот од најмалку шестмина.

До сите сите уставни судии Сител испрати прашање дали би ја прифатиле кандидатурата ако некој ги предложи за претседател.. Одговорија последните кои седнаа на овалната маса..

„Станува збор за исклучително значајна и одговорна функција за која постапката не е започната. Крајно некоректно е во овој момент да се прејудицира бидејќи секој од осуммината судии може да биде кандидат“, изјави судијката Ана Павловска Данева.

„Позицијата Претседател на уставен суд е предизвик и голема одговорност, бидејќи она што се очекува од Уставниот суд е будно чување на Уставот. Секој од нас може да биде предложен за претседател од страна на колегите судии и мнозинството ќе одлучат кој ќе биде следниот претседател“, напиша Татјана Васиќ Бозаџиева.

Според ваквите изјави но и деловникот за работа, предложени може да бидат и останатите шестмина судии.

Според информации на Сител, работниот состанок на кој судиите меѓусебно ќе можат да се предложат за нов претседател на Уставен ќе се одржи во последната работна недела од месецов.

Претседателот на уставен има мандат од три години, без право на реизбор.