Македонија
6. January 2020 - 16:34

Партиско препукување помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу новата министерка Рашела Мизрахи

Функционери на СДСМ шират говор на омраза, обвинува ВМРО ДПМНЕ. Според опозицијата цел на нападите по верска и национална основа е техничката министерка Рашела Мизрахи затоа што е Еврејка.

„Мерсиха Смаиловиќ, членка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, во стилот на нацистите на Хитлер, повика Рашела Мизрахи да биде обележана со давидова ѕвезда затоа што е Еврејка. СДСМ повикува на обележување и линч на македонските евреи како Рашела Мизрахи. Активистката на таканаречената шарена револуција Видана Бошкова Мицевска во стилот на Смаиловиќ ја нарече ВМРО-ДПМНЕ фашистичка партија, а Рашела Мизрахи Еврејка која соработува со нацистите. Ваквиот говор на омраза на социјалните мрежи му се допаѓа на советникот на Заев, Зоран Бојаровски, кој платен од народни пари поддржува антисемитизам и ширење на омраза помеѓу граѓаните“, вели Жаклина Пешевска од ВМРО ДПМНЕ.

И лидерот на партијата, Мицкосвки на Фб напиша дека е згрозен од леснотијата со која се прават поделби, се шири говор на омраза кон државата Израел и Еврејскиот народ, и навредите кон ВМРО-ДПМНЕ, зад кои стојат политички мотиви и се стимулирани од партијата на власт. 

Од СДСМ и денеска повторуваат дека Мизрахи не е подготвена да биде техничка министерка и дека слугува на партиските наредби на Мицкоски за враќање на режимот.

„Техничката министерка за труд и социјална политика после 2 дена работа покажа некомпетентност и демонстрира дека не го знае новиот Закон за социјална заштита.

Таа не знае дека надлежноста за издавање на наодот и мислењето за потребата за помош и нега од друго лице, врз основа на кое се остварува паричниот надоместок, е пренесена на 15 стручни комисии при јавните здравствени установи низ цела држава а се формирани од страна на Министерството за здравство. Токму овој начин на работа ги реши проблемите кои ВМРО-ДПМНЕ ги создаде“, изјави Милан Живковиќ, претседател на Комисија за труд и социјална политика на СДСМ.

Инаку, критиките кон Мизрахи беа упатени вчера изјави дека во Министерствто се блокирани над 8500 барања на граѓани за туѓа нега.