Македонија
2. November 2019 - 10:27

ОУ „Ванчо Китанов” од Пехчево дел од иницијативата на МОН „Најголемиот час на светот”

Пехчевската деветолетка „Ванчо Китанов” се вклучи во пионерската иницијатива „Најголемиот час во светот” која е дел од активностите што се реализираат под покровителство на Министерството за образование и наука (МОН).

-„Најголемиот час на светот“ е училишна активност организирана од МОН во соработка со УНИЦЕФ и ЕУ во чие одбележување се вклучи и нашето училиште со учениците од одделенска настава и нивните наставнички. Ова е пионерска иницијатива со која на децата и на нивните наставници им се овозможуваат ресурси за да се запознаат и да преземат акција во врска со целите за одржлив развој, со кои се потпомага изградбата на попросперитетен, поправеден и поодржлив свет за сите, истакнаа од ООУ „Ванчо Китанов”.

Како што дополнија, учениците ги истакнаа своите перспективи на тема „Иднината на детството“ преку пишување новинарски статии, песни, цртежи/слики, рап-песни, креативни состави или со помош на друг медиум. Ја претставија сопствената визија за иднината на детството.

Како дел од овој настан, неколку ученици од воспитно-образовната установа од Пехчево ќе учествуваат на завршниот настан на 20 ноември 2019 во Скопје „За децата, од децата“. Настанот во соработка со Кабинетот на претседателот на Владата, ќе се реализира со цел подигнување на свеста и застапување за најитните прашања со кои се соочуваат децата.