Македонија
21. January 2025 - 19:50

Собранието ги поправи и потврди измените на кои Силјановска стави вето

Собранието со апсолутно мнозинство и Бадентер ги потврди измените на Законот за заштита на децата на кои претседателката Силјановска Давкова претходно стави вето и ги врати на повторно разгледување. Со денешната потврда од пратениците претседателката е должна да го потпише указот за прогласување на законот и тој да биде објавен во Службен весник.

Законските измени се однесуваа на тестирањето и лиценците за негователи во градинките, а со кои беше предвидено тие да се двојазични. Силјановска сметаше дека ова е неуставно, по што владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди направија измени со кои документите првично ќе бидат на македонски јазик, а по барање и на друг јазик на кандидатот.

Од ДУИ беа против бидејќи документите не се добивале на албански по автоматизам туку по барање.

Свои амандмани имаше и Левица. Тие предложија лиценците да се издаваат на еден од како што велат „службените јазици“, бидејќи повторно се форсирала двојазичност.

Опозициската СДСМ пак, побара целосно да се избришат членовите што се однесуваат на тестирањето и издавањето лиценци. Со законските измени, по речиси една година застој поради тоа што претходната власт не го продолжила тендерот за електронско тестирање, повторно ќе можат да се вработат негователи во градинките.