Македонија
22. January 2025 - 16:39

Со донации и анекси на договорите ќе се надминува недостигот на биолошка терапија на Онкологија

За ултра кратко време ќе биде решен недостигот на биолошка терапија за онколошки пациенти, уверува директорот на Фондот за здравствено осигурување. 6-те лека кои се дефицитарни од петокот ќе бидат обезбедени со донации и со анекси на постоечките договори.  Стотина пациенти веќе алармираа дека ги враќаат од клиника и стравуваат како ќе се одрази овој недостиг на нивната здравствена состојба, но и да не се повторат траумите со скандалите од минатото.

- Од 6-те лека кои се дефицитарни со анекс на постоечките договори ќе се обезбедат дополнителни количини за 4 лека а за два разговараме со производителите, не со дистрибутерите,да бидат донации се до спроведување на тендерите, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување. 

На Онкологија немаат бројка колку пациенти во моментот се без терапија, но велат решение ќе има брзо. 

- Кај некои пациенти ова е дополнителна терапија на постоечката, повеќето не се без терапија, вели проф. д-р Игор Стојковски, директор на Клиника за Онкологија.

Но ова се решенија на кратки патеки и за болните во иднина да бидат поштедени од патешествија, неопходна е јасна слика колку пациенти има, кој каква терапија прима и колку пари за тоа треба да бидат одделени. 

- Буџетите ќе бидат значително зголемени за оваа година, не велат 5,10 или 15 проценти, со истовремено спуштени цени на лекови. Така да, количински ќе има повеќе лекови. Меѓутоа, колку лекови и да се обезбедат потребите ќе растат уште повеќе и затоа треба д аимаме ефикасно следење а без регистар на пациенти тоа не е возможно, вели Клековски. 

 Клековски најави дека со фармацевтските компании преговара и за намалување на цената на терапијата и тој процес е во финална фаза. Во меѓувреме, преговараат и со Бирото за јавни набавки за промени во  тендерските процедури и тоа во услови кога за одредена скапа терапија има само еден производител во светот и нема кој да се јави како алтернатива.