Свет
18. December 2015 - 14:42

Отворена црната кутија: "Рускиот авион не бил закана за Турција, ни за нејзините граѓани"

Борбениот авион "Sukhoi-24", кој бил соборен од турските сили, не претставувал закана ни за Турција, ни за нејзините граѓани, изјавил денес заменик шефот на руските воздухопловни сили Сергеј Дронов.

Црната кутија на "Сухојот" била отворена пред новинарите во директен телевизиски пренос, а потоа била префрлена во специјална лабораторија, јавува Sputnjik.

Министерството соопштило дека летот на соборениот руски авион "Su-24" траел 40 минути.

"Меморискиот модул кој се наоѓа во заштитното куќиште содржи ред од 16 чипови, кои се споени за единицата. Тој може да регистрира до 20 часа лет. Последниот лет на авионот траел околу 40 минути", рекол полковникот Андреј Семенов, шеф на одделението за информации и аналитичка безбедност на летовите на руските воздухопловни сили.

Потоа на новинарите повторно им се обратил Дронов и истакнал дека Русија има докази дека соборениот авион не го повредил воздушниот простор на Турција.

"Во секој случај, соборениот руски бомбардер не претставувал закана за Турција и нејзините граѓани", рекол Дронов, пренесува Sputnjik.

Дронов рекол дека црната кутија од авионот е оштетена и дека за обработка на податоците ќе биде користена специјална опрема.

Како што е наведено, првите информации за тоа што забележано на снимката од летот ќе бидат објавени во понеделник.

Русија повикала експерти од 14 земји за дешифрирање на црната кутија од бомбардерот "Su-24", но само Кина и Британија ги прифатиле повиците, соопштиле руските воздухопловни сили.

Руското министерство за одбрана соопштило дека податоците од црната кутија од соборениот руски авион "Su-24" ќе бидат објавени во понеделник, на 21. декември.

Рускиот претседател Владимир Путин наредил кутијата да се отвора само во присуство на странски експерти.

Рускиот авион "Su-24" бил на мисија во близина на турксо-сириската граница, кога бил соборен на 24. ноември. Турција тврдела дека тој авион го нарушил нејзиниот воздушен простор, што Москва негира.

Соборувањето на авионот довело до затегнување на односите меѓу Турција и Русија, и Москва ѝ вовела економски санкции на Анкара.