Македонија
12. September 2024 - 16:28

Општините поднеле над 200 проекти на владиниот јавен повик

Над 66 општини аплицирале за пари од државата. Премиерот Мицкоски вели дека е задоволен што меѓу нив има градоначалници од сите политички партии, а поднесени се над 200 проекти. Рокот за аплицирање завршува денеска, па очекува оваа бројка да се зголеми. 

- 250 проекти значи подобри услови за живот на стотици семејства и тоа е суштината на овој проект, да направиме нешто коешто ќе биде соодветен одговор на реалните потреби на граѓаните, а со тоа да реализираме што е можно поголем број капитални инвестиции и да ја придвижиме економијата. И затоа е потребен и овој кредит, затоа што не само овие 250 милиони евра за општините, туку и 250 милиони евра за бизнисот којшто ќе предизвика, ќе имплицира дополнителни 250 сопствени средства милиони од страна на бизнисот, значи ние ќе имаме инвестициска активност од половина милијарда евра плус 250 милиони евра од општините. Тоа до сега не се случило. Тоа до сега не се случило, и тоа е оној ветер во грб којшто треба да го даде Владата за бизнисот. Ние немаме намера да се занимаваме со ниски страсти, ние немаме намера да го понижуваме народот како што тоа го правеше претходната Влада, немаме намера да го ограбуваме, сите оние коишто беа навикнати на таков тип на работа, денеска исчезнаа од периметарот на владините институции, бидејќи знаат како функционира оваа Влада, вели премиерот Мицкоски 

Бутел е една од општините која до крајот на годината ќе добие 100 милиони денари. Четири проекти има поднесено и општина Прилеп.

Од градот Скопје вчера информираа дека поднеле 20 проекти на јавниот повик. 

Откако советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против набавката на нови еко автобуси за главниот град, сега од градот поднеле проект за набавка на 80 еколошки и 15 електрични автобуси. Се бараат пари и за нови противпожарни возила, реконструкција на повеќе улици и булевари и за зајаканување на капацитетите на повеќе јавни претпријатија.
Сепак кои проекти ќе бидат прифатени последниот збор ќе го има министерството за локалана самоуправа.

Во првата фаза до крајот на годинава државата издвојува близу 100 милиони евра за поддршка на општините, останатите 150 милиони евра ќе им бидата ставени на распологање следната година.