Македонија
17. September 2024 - 16:39

„Балансерот" за вработување пред Уставен суд

Вработувањето во администрација според етничка припадност се коси со правилата за стручност и слободното изразување националност. Ова го напишала антикорупциска во иницијативата до Уставниот суд со која бара укинување на балансерот.

Деветтемината судии утре ќе треба да одлучуваат дали добивањето работно место според националност ќе замине во историјата. Според антикорупциска, единствен критериум треба да биде знаењето на кандидатите.

„На тој начин значи се нарушува, можеме да се доведеме до нарушување на мерит системот на квалификации, да се даде предност на она како еден граѓанин се чувствува во моментот“, изјави Татјана Димитровска, Претседател на ДКСК. 

Балансерот е често критикувана алатка при вработувањето административци. Проверки на Антикорупцинерите покажале дека албанци се пишуваат македонци или обратно, а по потреба дел се изјаснувале како роми и власи.

Иницијативата за укинување на балансерот е во раце на претседателот на Уставен, Костадиновски. Неговата претходничка Кацарска во време кога раководеше со судот изјави дека вработувањата според националност се неуставни.

Таквиот начин на пополнување на работни позиции е веќе неприфатлив и за ЕУ. Извештаите на Европската комисија забележуваат дека балансерот не ја одразува процентуалната застапеност на заедниците бидејќи не била во согласност со бројките од пописот на население кое живее во земјата.. 

Вработувањата по етничка основа пак станаа камен на сопнување и за коалиционите партнери на власта. Министерот за јавна администрација од „ЗНАМ“ изјави дека е против употреба на балансерот, а затекнал и погрешна формула за пресметка на застапеност на заедниците. Според Минчев, наместо од бројот на присутно, вработувањата се реализирале според бројот на попишано население па веднаш ја прекинал праксата. Таквиот потег, коалицијата „Вреди“, го нарече провокација за која решение ќе се бара внатре во владата меѓу сите коалициски партнери.

Судбината на балансерот е сега во рацете на Уставен кој треба да одлучува дали ќе поведе постапка за негово укинување, времено ќе ја суспендира примената или пак ќе ја отфрли иницијативата за испитување на уставноста.