Македонија
24. November 2015 - 11:37

Општина Кочани годинава додели 25 стипендии

Дваесет и пет студенти од Кочани кои студираат на државните универзитети во Македонија и постигнале просечен успех над 8, денеска ги потпишаа договорите за добивање стипендија.

- Комисијата за доделување стипендии во студиската 2015/2016 година додели 25 стипендии на студенти кои студираат на државните универзитети во државата. Според критериумите за добивање стипендија, успехот носеше најмногу 70 бода, материјалниот статус до 20 бода, а пет бода за деца на самохрани родители, изјави градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски. 

Тој појасни дека студентите на Градежниот, Архитектонскиот, Геодетскиот и Технолошкиот факултет имале дополнителни пет бода бидејки, како што рече, нивните струки се утврдени како дефицитарни.

Ова е шеста година по ред како Кочани доделува стипендии на студенти од општината. Досега се доделени вкупно 171 стипендија. Меѓу добитниците на стипендии се и студенти од ромската, турската и влашката националност.