Средношколци влегуваат во сексуални односи, а не знаат како да се заштитат од преносливи болести
Поразителни податоци за сексуалната едукација на тинејџерите во Македонија. Знаат што е секс, но не се свесни за последиците од незаштитени односи. Во анонимна анкета кај 163 средношколци од трета и четврта година во медицинското училиште Панче Караѓозов, дури една третина од активни учесници во сексулани контакти одговориле дека не користат заштита од несакана бременост и преносливи болести.
- И одиме од принцип никој не е заштитен, секој може да добие таква болест, затоа одиме кон тоа да се влегува во сексуални односи кога учениците се веќе зрели и емотивно и физички, да се влегува со срце, со доверба, не само со нагон, вели Нина Кнагс, професорка во СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“
Поради ваквата состојба, во средното медицинско училиште веќе формирале група на активисти која ќе рабои на меѓуврсничка едукација, но и што значи превенција. Предавање за информирање од сексуално преносливи болести учениците добија и од ХЕРА.
- Апелираме на континуирано продолжување на превентивни активности, бидејќи здравјето е право а не привилегија, вели Ева Спасевска, програмска раководителка во ХЕРА.
И додека едни учат како да се заштитат, постојано растат и бројките на ХИВ позитивни и СИДА. Годинава се евидентирани 51 случај а има и 5 починати.
- Најголем број се лица од машки пол, лица кои живеат во Скопје и лица од младата популација од 20 -39 години. Ова ја истакнува потребата од превентивни активности кај младата популација, вели д-р Драган Кочински, раководител на епидемиологија во ИЈЗ.
Невладините го потенцираат фактот дека недостигот на сексуално образование го зголемува ризикот од ХИВ инфекција.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар