Македонија
28. February 2023 - 16:32

Одложено првото рочиште за Жан Митрев

Седна во обвинителна клупа, ама судењето се одложи. Докторот Жан Митрев ангажирал нови адвокати кои побараа време да се запознаат со предметот во кој е обвинет за измама на пациенти. Сакаа два месеца, добија период од триесетина дена во кој ќе треба да ја подготват одбраната на кардиохирургот.

Митрев и адвокатите ги одбегнаа новинарите, а преку соопштение информираа дека очекуваат фер судење со кое ќе ја докажат вистината.

Во меѓувреме болницата од денеска има замрзната сметка. Кривичниот суд вчера го прифатил барањето на обвинителството да се забрани продажба на недвижниот имот, а банките да не смеат да исплаќаат одредени суми од сметката на клиниката за да може во иднина да се исплатат милионските суми отштета кои ги бараат пациентите. Од Жан Митрев, потегот го нарекоа пресуда пред да почне судењето.

„Укажуваме дека со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата Жан Митрев, која е здравствена организација од јавен интерес. Клиниката Жан Митрев од денеска не е во можност да ги отплаќа обврските кон банките. Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме се што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока односно бараат наше затворање. Се што баравме е фер судење во однос на лагите и невистините пласирани против нашата Клиника, а добивме „пресуда“ пред отпочнување на судскиот процес“

Блокирањето на сметката не е обид да се попречи работата на болницата, велат од обвинителството. Ги повика обвинетиот и клиниката да достават гаранција за покривање на бараната отштета.

„Ова е нешто што трае подолго време. Обвинителството повтори дека не е негова претензија да се блокира работата на болницата, напротив, се водевме од начелата на пропорционалност. Сега имате од страна интерес на оштетени и нивното правото на побарување кое е пријавено, јас чувствувам обврска да го заштитам, но повторено е многупати како и денес дека одбраната може и апсолутно е прифатливо да понуди износ како гаранција за таквото побарување. Тоа е нешто што Обвинителството и тоа како ќе го цени, дури и го охрабрува”, изјави Искра Хаџивасилева, Јавен обвинител.

Жан Митрев и неговата клиника одговараат за измама при лекувањето со Хемофилтрација. Методот иако бил во фаза на клиничко испитување, според обвинителството, процесот се претставувал како ефикасен и без објаснување за можните ризици. Според болницата, во ковид-кризата, работеле по највисоки стандради и методи на лекување во земјата и странство.