Македонија
1. February 2025 - 16:34

Преполовен прометот на маркетите по вчерашниот бојкот

Бојкот го преполови  прометот на супермаркетите. Сител ги доби податоците од УЈП кои покажуваат дека граѓаните вчера оставиле двојно помалку пари споредено со денот претходно но и споредено со минатиот петок. 

Во 8те најголеми супермаркети кои беа главно бојкотирани,  вкупниот промет  бил намален за 46.59 отсто од обично. Пресметано во точни бројки за време на бојкотот маркетите продале продукти во износ од  114,293,367 денари или 1,9 милиони евра. 

За споредба, во четвртокот на 30 јануари граѓаните пазареле вообичаено, па прометот кој е регистриран преку ГПРС системот,  бил 212,782,151 денари или 3,5 милиони евра. Слични се податоците и споредено со минатиот петок кога во касите на маркетите влегле еден милион денари повеќе од завчера.

Дали еднодневниот бојкот од потрошувачите ќе ги опамети големите ланци на маркети или пак инспекторите допрва ќе се види. Премиерот најави дека контролите продолжуваат и викендов но според првичните сознанија констатирани се неправилности. 

Опозициската СДСМ обвинува дека Владата изминатите осум месеци не спровела ниту една мерка за да го заштити стандардот на граѓаните напротив дозволила цените да растат без контрола.

Потврда дека револтот кај граѓаните е оправдан стигна и од Евростат.Според податоците од генералниот директорат на Европската комисија задолжен за статистички информации, Македонија е на третото место според поскапувањето на лебот во Европа. Евростат ја следеше цената на лебот во европските земји во последните пет години и податоците покажуваат дека во тој период лебот во Македонија поскапил за 65%. Со значајно поскапување се и земјите од регионот, но најголемо е регистрирано во Унгарија. Цената на лебот е со најмал пораст во западно европските држави каде стандардот на граѓаните е речиси највисок. 

 Маркетите вчера беа полупразни, дел од граѓаните купуваа на пазар други пак воопшто не пазареа. 

Народот не е убеден дека на овој начин може да се постигне целта -трговците да се вразумат, но сепак го поддржаа бојкотот, кој според некои најави, не е исклучено и  да се повтори.