Македонија
1. February 2025 - 16:35

Три обвинителства немаат обвинители – Само една третина од службеничките места се пополнети

Борба против криминал и корупција“ – овие пет зборови се можеби најчестите кои ги слушаме на прес-конференциите на политичарите. Јавните обвинителства со месеци се во фокусот на јавноста поради високопрофилните предмети кои ги работат. 

За вистинска борба против криминал и корупција потребен е кадар, нешто што одамна Јавните обвинители предупредуваат дека недостасува.

За Јавното обвинителство да работи во полна пареа, според систематизацијата потребно е да има 261 Јавен обвинител на ниво на цела држава. Но во моментот имаме само 164. Недостасуваат 97, а очекувањата се дека до крајот на годината уште помеѓу тројца и петмина ќе одат во пензија.

Од 22 основни јавни обвинителства ширум државата, три се празни, односно немаат јавни обвинители, а во нивните простории работи само по некој службеник. Таков е случајот во Берово, Крива Паланка и Ресен. 

ПОТРЕБНИ ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ ПОПОЛНЕТИ ЈАВНООБВИНИТЕЛСКИ МЕСТА

ВКУПНО 29 15

Штип 7 3

Кочани 6 3

Струмица 8 5

Радовиш 1 2

Берово 0 1

Делчево 1 2

Свети Николе 1 2

Ситуацијата е најалармантна на истокот од државата каде има само половина од потребниот број на јавни обвинители. Под надлежност на Вишото јавно обвинителство Штип се обвинителствата во Штип, Струмица, Радовиш, Кочани, Свети Николе, Делчево и Берово. Во сите недостасуваат обвинители.

Шефот на Вишото јавно обвинителство Штип, Ристо Бојаџиски вели дека јавните обвинители даваат натчовечки напори за да ги постигнат сите предмети.

-На целото наше подрачје во оваа година сме имале во работа пријави против 3.000 лица, од кои 90% се решени, донесени се јавнообвинителски одлуки. Останати се нерешени 10% од поднесените пријави до Јавното обвинителство кои се во работа и тоа се претежно пријави кои се поднесени во текот на крајот на годината. Тоа покажува факт дека јавните обвинители даваат напори и ја извршуваат својата јавнообвинителска функција, вели Бојаџиски.

Беровското обвинителство е сместено во зградата на Судот. Веќе три месеци просторијата наменета за јавен обвинител е празна, а за да нема застој во работата донесена е времена одлука работата да ја преземе обвинител од друг град.

Ова се трите простории во судот во Берово кои се користат за потребите на Јавното обвинителство. Во моментот нив ги користат само две службенички, едната е стручен соработник, а другата записничар. Јавен обвинител по потреба од Делчево.

-Берово има прием на пријави против 120 лица годишно. Во секој случај постои како Обвинителство, мора да функционира. Постои суд во Берово, постои Јавно Обвинителство. Мора да се даде право, пристап до судот и на граѓаните кои живеат на територијата на општина Берово. 

Уште пострашни се бројките за јавнообвинителските службеници.

Според систематизацијата, на територијата на целата држава, во  Јавните обивнителства потребни им се 1.126 службеници. Пополнети се само 370 места, или пластично кажано, Јавните обвинителства работат само со една третина од потребниот кадар. 

Недостасуваат дактилографи, записничари, стручни соработници, ИТ кадар, сметководители. 

-За жал кај нас Јавните обвинители сами ги пишуваат јавнообвинителските... Значи, јавните обвинители се и записничари, и уписничари и јавни обвинители. Бидејќи, имаат недостаток од уписничари и записничари сами ја вршат оваа функција во Јавните обвинителства кадешто нема ваков кадар, вели Бојаџиски.

Од 10-те сметководители кои ги имале, останале само тројца. Сега од Обвинителството предупредуваат дека постои ризик тие да не можат да направат ниту завршна сметка.

Иако Републичкото обвинителство барало, три години по ред не им се дозволува да вработуваат службеници за колку-толку да се пополни дупката.

-Мораме да се надеваме дека можеби Министерството за финансии дополнително ќе одобри средства, барем за 100-тина јавнообвинителски службеници затоа што наше барање беше барем 100 јавнообвнителски службеници за 2025 година да се обезбедат имајќи предвид дека потребни се 1.000, а имаме 360, вели Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Дури и Финансии да одобри, прашање е дали Обвинителствата ќе можат да го најдат потребниот кадар. Иако веќе беше најавено дека за вработување во државните органи нема да се бара ТОЕФЛ сертификат, туку само Б2 – главен проблем е што за Обвинителствата тоа го регулира посебен закон. Законот за јавнообвнителска служба предвидува дека доколку некој сака да се вработи, на која било позиција, мора да поседува меѓународно признат сертификат за познавање на англиски, француски или германски јази, издаден од официјален европски тестатор, каков што на пример е ТОЕФЛ. 

ВКУПЕН БУЏЕТ 2024 БУЏЕТ НА ЈО ПРОЦЕНТУАЛЕН УДЕЛ

Македонија 5,6 милијарди евра 14,1 милиони евра 0,25%

Ребаланс:

5,9 милијарди евра 13 милиони евра 0,22%

Албанија 7,3 милијарди евра 33 милиони евра 0,45%

Црна Гора 3,5 милијарди евра 12,6 милиони евра 0,36%

Србија 19,1 милијарди евра 78,8 милиони евра 0,41%

Косово 3,3 милијарди евра 17,2 милиони евра 0,52%

Бугарија 12,1 милијарди евра 227,8 милиони евра 1,8%

Македонските обвинителства работат и со најмал буџет споредено со државите од регионот. Црна Гора иако повеќе од двојно помалку население од Македонија – буџетот на Јавното обвинителство е речиси идентичен како кај нас. За Косово, на пример, иако вкупниот буџет на државата е речиси двојно помал од нашиот, државата одвојува повеќе пари од нас за Јавните обвнителства.

Поради тоа, Обвинителствата имаат проблем да направат и одредени вештачења за кои не можат да се направат во државава.

-И во тој дел имаме финансиски проблеми затоа што навистина имаме предмети коишто се многу комплексни и коишто вештачења обезбедуваме од странска држава, а таму се вештачењата се многу скапи, вели Коцевски. 

Надежите на Обвинителите се дека со новата генерација од Академијата за судии и јавни обвинители ќе можат да пополнат околу 40 јавнообвинителски места. Но за јавните службеници ќе мора да добијат поддршка од државата за да одобри нови вработувања.